• недела, 22 декември 2024

Еко-акција за чистење на Охридското Езеро организирана од нуркачкиот клуб „Амфора“

Еко-акција за чистење на Охридското Езеро организирана од нуркачкиот клуб „Амфора“

Охрид, 27 мај 2023 (МИА) – Членовите на Нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид денеска спроведоа голема еколошка акција за чистење на Охридското Езеро од цврст отпад.

Акцијата насловена „ОХРИД ЕКО 2023“ беше изведена на две локации – кај Изворите на Црн Дрим кај Свети Наум и на пристаништето во таа населба на источното крајбрежје на езерото.

Во акцијата се вклучија 28 нуркачи  од Нуркачкиот центар „Амфора“, од Спелеонуркачки клуб „Врело“ од Скопје, како и припадници на нуркачкиот тим на БСС на АРМ кои се вклучуваат во сите поголеми еколошки акции и активности што ги организира охридскиот клуб.

Од дното на езерото е извлечена голема количина разновиден цврст отпад, како што се пластични шишиња, лименки, пластична амбалажа, конзерви...Благодарение на соработката со ЈП „Охридски комуналец“ ѓубрето е собрано и однесено на депонија.

Проектот е реализиран со поддршка на „Скопско АД“ од Скопје и на Ресторанот „Острово Св Наум“.

Од „Амфора“ истакнуваат дека најголемата количина цврст отпад доаѓа преку реките кои се вливаат во езерото. Раководителот на „Амфора“, Јован Секулоски, потсети на нивната иницијатива од пред неколку години за изградба на мини-брани на дотоците што би го собирале отпадот и на тој начин би било спречено амбалажата да завршува во езерото. аб/аа/

фото/„Амфора“

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан