• недела, 09 февруари 2025

Еклстоун: Хамилтон нема да издржи две сезони во Ферари

Еклстоун: Хамилтон нема да издржи две сезони во Ферари

Лондон, 9 февруари 2025 (МИА) - Поранешниот шеф на Формула 1, Берни Еклстон, верува дека Луис Хамилтон нема да успее во Ферари.

- Мислам дека Луис нема да го добие истото внимание во Ферари. Прво, тимот е задоволен од Шарл Леклер, неговиот тимски колега. Леклер го зборува нивниот јазик, па ќе биде згрижен. Дури и ако Луис се справи добро, тој сепак ќе има многу непријатели затоа што пристигна толку ненадејно. Не е важна возраста на пилотот, туку колку долго го прави истото. Луис е уморен. Ја изгуби мотивацијата. Да не освоеше ниту една титула, можеби ситуацијата ќе беше поинаква, бидејќи тогаш ќе имаше желба за освојување на шампионатот. Но, тој има седум, рече Еклстоун.

Деведесет и четиригодишниот Британец смета дека 40-годишниот Хамилтон и покрај тоа што е договорно обврзан да помине најмалку две сезони во Ферари, тешко дека ќе се случи тоа.

- Нема да издржи толку долго. Пјеро Ферари, кој го донесе, се уште верува дека ја направил вистинската работа. Се надевам дека не избрзаа во тоа и нема да зажалат подоцна.

Новата сезона во Формула 1 ќе почне во средината на март со австралиското Гран при. зс/

Фото: ЕПА

Остани поврзан