• петок, 05 декември 2025

Египетскиот музеј вреден скоро 900 милиони евра се отвора по 20 години изградба

Египетскиот музеј вреден скоро 900 милиони евра се отвора по 20 години изградба

Каиро, 31 октомври 2025 (МИА) - По 20 години градење и повеќе од една деценија подоцна од првично планираното, Големиот египетски музеј во Гиза (Grand Egyptian Museum), вреден речиси 900 милиони евра, ќе има официјално отворање утре, и тоа во близина на пирамидите. На свеченоста ќе присуствуваат претседателот на Египет, Абдел Фатах ел-Сиси и други светски лидери.

Музејот, најавуван како најголемата археолошка знаменитост во светот, и посветен на едно од најзначајните наоѓалишта во светот, се протега на 470.000 квадратни метри. Содржи повеќе од 50.000 предмети, вклучувајќи го и колосот на Рамзес II, тежок 83 тони и 4.500-годишниот брод на фараонот Хуфу. Музејот вклучува 24.000 квадратни метри постојан изложбен простор, Детски музеј, образовни и конференциски објекти, комерцијални простори и центар за конзервација. Дури 12 главни галерии ќе прикажуваат артефакти од праисториско до римско време, а многу од експонатите се сместени и на плоштадот „Тахрир“, објави „Гардијан“.

Извршниот директор на музејот, Ахмед Гонеим рече оти ќе се користат напредна технологија и мултимедијални прикази коишто ќе го доближат древното наследство и до „Генерацијата Зи“. Се очекуваат меѓу 15.000 и 20.000 посетители дневно.

Свеченото отворање беше одложувано неколкупати, неодамна и поради воените судири на Блискиот Исток.

Како што истакнуваат медиумите, прашањето за безбедноста на артефактите останува предизвик, по неодамнешните кражби, вклучувајќи го и исчезнувањето на 3.000-годишна златна нараквица на фараон. За Египетскиот министер за туризам и антиквитети, Шериф Фати, отворањето на музејот како „подарок на Египет за светот“, како што вели.

Музејот е дел од поширок инфраструктурен проект во Египет, вклучувајќи метро и нов аеродром, и претставува стратешка инвестиција во културниот туризам, којшто полека заздравува по Арапската пролет и корона-пандемијата. Рекордни 15,7 милиони туристи го посетија Египет во 2024 година, а Владата има за цел - до 2032 година да го удвои бројот на посетители.  си/

Фото: Фејсбук-објава, фотоисечок

Остани поврзан