ЕВРО 2020: Македонската репрезентација поразена од Украина
- Во својот втор настап на 16. Европско фудбалско првенство, македонската репрезентација попладнево загуби од Украина со 2:1. Едно добро полувреме не беше доволно „црвено-жолтите“ да го освојат
Букурешт, 17 јуни 2021 (МИА) – Во својот втор настап на 16. Европско фудбалско првенство, македонската репрезентација попладнево загуби од Украина со 2:1. Едно добро полувреме не беше доволно „црвено-жолтите“ да го освојат првиот бод.
Украинците победата ја обезбедија по подобрата игра во првите 45 минути кога Андриј Јармоленко во 29. минута им донесе водство, а Роман Јаремчук пет минути подоцна ја удвои предноста.
Македонците постигнаа гол преку Езѓан Алиоски во 57. минута, по одбиената топка, откако во претходниот обид украинскиот голман му одбрани пенал.
Пенал одбрани и македонскиот голман Столе Димитриевски во завршницата (84. минута) кој го одби ударот на Малиновски.
На „Национална арена Букурешт“, избраниците на селекторот Игор Ангеловски повторно имаа голема поддршка од околу пет илјади навивачи.
По овој пораз, македонските фудбалери имаат само теоретски шанси за пласман во следната рунда, додека Украина ги прокнижи првите три бода.
Вечер од 21 часот во Амстердам ќе се одигра другиот натпревар од 2. коло во „Ц“ групата на кој Холандија ќе ја пречека Австрија. зс/