• четврток, 26 март 2026

Европскиот суд за човекови права ја осуди Русија за заканите кон независните новинари

Европскиот суд за човекови права ја осуди Русија за заканите кон независните новинари

Стразбур, 4 март 2025 (МИА) – Европскиот суд за човекови права денеска парично ја казни Русија поради кршење на слободата на изразување и приватноста со закани кон новинарите на независниот медиум Новаја Газета.

Меѓу тужителите се еден од основачите на Новаја Газета, Сергеј Кожеуров и новинарите Елена Милашина и Дмитриј Муратов, добитници на Нобеловата награда за мир во 2021 година со филипинската новинарка Марија Реса за нивната борба за слобода на изразување.

Објаснувајќи дека добиле вербални закани по објавувањето написи во 2017 година за кампањата на чеченските власти против хомосексуалците, новинарите ги критикуваа руските власти дека не ги заштитиле.

Новаја Газета е еден од ретките слободни медиуми во Русија, а беше забранет во 2022 година по почетокот на руската инвазија на Украина.

Посветеноста на весникот, особено во известувањето за кршењето на човековите права во Чеченија, ги чинеше животите на неколку негови вработени, од кои најпозната убиена беше Ана Политковскаја.

Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кој го следи почитувањето на Европската конвенција за човекови права во 46 земји-потписнички, во својата денешна пресуда утврди дека има повреда на членот 10 (слобода на изразување) од таа конвенција.

Судот додаде дека, исто така, имало повреда на членот 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) во однос на поединечните подносители, утврдувајќи дека властите во Русија „толерирале“ повторени изјави на чеченски официјални лица кои ги изложиле подносителите на потенцијално сериозни акти на насилство или заплашување.

Русија треба да плати 7.500 евра на главниот тужител и 9.800 евра на поединечните тужители за нематеријална штета и 5.585 евра за судски трошоци.

Русија беше исфрлена од Советот на Европа во март 2022 година поради нејзината инвазија на Украина и не е членка на Конвенцијата од септември 2022 година, но останува одговорна за прекршувањата направени до тој датум. јт/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан