• сабота, 27 јули 2024

Европската куќа Крива Паланка со бројни активности ја одбележа Европската недела на спорт

Европската куќа Крива Паланка со бројни активности ја одбележа Европската недела на спорт

Крива Паланка, 7 октомври 2023 (МИА) - Низата активности по повод Европската недела на спортот во организација на Европската куќа од Крива Паланка ја заокружи синоќашната филмска вечер "Кино на велосипед", проекција на филм со енергија од велосипед.

-Со оваа иновативна активност што се реализира во кејот во Крива Паланка, заедно со "Гоу грин" ја поттикнавме свесноста на младите  за заштита на природата, зачувување на енергија и користење алтернативни извори на енергија, бидејќи за да го гледаат филмот енергијата за проекција ја произведоа со вртење на педалите од велосипедите. На оваа активност и претходеа повеќе настани со кои навистина опфативме над стотина млади од Крива Паланка, Ранковце, Кратово и Куманово и активно ја одбележавме спортската недела на Европа, информираат од Европската куќа Крива Паланка.

Реализирани се тренинзи со игри "Спорт за развој" преку кои тренерите од ООУ"св.Јоаким Крчовски ", СОУ "Ѓорче Петров", Крива Паланка и ОУ "Х.Т.Карпош", Ранковце, работеа на развој на вештини кај децата и младите, преку спорт.

-Младите преку овие тренинзи и игри пристапија кон предизвикот да развијат животни вештини за здраво и исполнето живеење. Ставен е акцент на учење на младите за важноста на физичката активност и спортска рекреација за здрав и среќен живот. Преку спортски работилници: аеробик, фризби и ракомет дадовме осврт кон градењето на рутина за вежбање, тимски и индивидуални вештини, додаваат од Европската куќа, која е јадро на активностите насочени кон младите луѓе од Североисточниот регион на земјата, преку бројните настани и работилници на кои се поттикнуваат, промовираат и засилуваат вештините на младите.

Во периодот на одбележување на Европската недела на мобилност, заедно со младите од Кратово, со велосипедска тура го истражија градот на кули и мостови, настан со кој преку игра и забава истакнаа дека постои сигурна и зелена алтернатива на транспорт за извршување на секојдневните обврски низ градот, одење до работа, училиште и назад.

-Иднината е во младите кои веќе ни поставуваат практики за пример што треба да го следиме за здрава, зелена и паметна иднина, додаваат од Европска куќа Крива Паланка. ид/вг/

Фото: Europe house Kriva Palanka 

Остани поврзан