• петок, 22 ноември 2024

Европратениците предлагаат кривично гонење на корисниците на сексуални услуги 

Европратениците предлагаат кривично гонење на корисниците на сексуални услуги 

Брисел, 14 септември 2023 (МИА) – Европскиот парламент денеска со 234 гласа „за“, 175 „против“ и 122 „воздржани“ усвои Извештај со кој се бара преземање мерки од страна на ЕУ за справување со последиците од проституцијата, со кои меѓу другото се предлага и кривично гонење на корисниците на сексуални услуги. 

Во Извештајот се посочува дека проституцијата има влијание врз родовата еднаквост и правата на жените, како и дека асиметријата помеѓу националните правила за проституција во ЕУ води до зголемен број на жртви на трговија со луѓе за сексуална експлоатација и создава плодна почва за организиран криминал.  

- Земјите членки треба да го преоценат постојното законодавство за да се избегнат какви било пропусти што би им дозволиле на криминалците да дејствуваат неказнето, додека Комисијата треба да развие заеднички насоки на ЕУ кои ќе ги гарантираат основните права на луѓето вклучени во проституцијата, се наведува во Извештајот. 

Во документот се додава и дека проституцијата и сексуалната експлоатација постојат затоа што има побарувачка за нив, па затоа „намалувањето на побарувачката е клучно за спречување и намалување на трговијата со луѓе и тоа мора да се направи на начин што нема да им се наштети на оние кои се занимаваат со проституција“.  

Со извештајот се бара преземање мерки и против рекламите на интернет што директно или индиректно поттикнуваат проституција и соработка на полицијата и другите агенции за спроведување на законот со социјалните и медицинските служби и невладините организации во справување со трговијата со луѓе и сексуалната експлоатација и во заштита на жените вклучени во проституцијата. 

- Лицата кои се занимаваат со проституција се соочуваат со постојана закана од полициски и судски прогон и се маргинализирани и стигматизирани, што често ја попречува нивната намера да бараат правда, се додава во извештајот, во кој се апелира за овозможување на нивни целосен пристап до висококвалитетни здравствени и социјални услуги и до правосудниот систем. 

Но, предлогот за кривично гонење на корисниците на сексуални услуги не наиде на подршка на сексуалните работници и организациите што поддржуваат целосна декриминализација на проституцијата, кои апелираа до европратениците да го отфрлат Извештајот. Според нив, идејата за гонење на корисниците на сексуални услуги не ги штити правата на жените и другите ангажирани во сексуалната работа. 

Тие оценуваат дека Извештајот е „пристрасен и штетен“ и бараат да се усвои „пристап заснован на почитување на човековите права“, со кој би се декриминализирале сите аспекти на сексуалната работа. 

Според нив, гонењето на корисниците на сексуални услуги ќе ја поттикне илегалната проституција и ќе придонесе за помала безбедност за сексуалните работници. 

Европарламентот на денешното продолжение на овонеделната септемвриска сесија со 366 гласови „за“, 186 „против“ и 18 „воздржани“ даде зелено светло за старт на преговорите со Советот на ЕУ за реформа на пазарот на електрична енергија во Унијата, чија примарна цел е заштитата на потрошувачите од нестабилните цени на струјата. сп/ссм/

Фото: МИА Архива

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан