Европратениците повикаа на целосна имплементација на законодавството на ЕУ за животната средина
- Европскиот парламент денеска со 535 гласови „за“, 24 „против“ и 55 „воздржани“ го усвои Годишниот извештај на Комитетот за петиции за 2024 година, со кој Европската комисија и земјите членки се повикуваат „да ги исполнат очекувањата на граѓаните за заштита на климата“ и да обезбедат целосна имплементација на законодавството на ЕУ за животна средина.
Стразбур, 9 октомври 2025 (МИА) - Европскиот парламент денеска со 535 гласови „за“, 24 „против“ и 55 „воздржани“ го усвои Годишниот извештај на Комитетот за петиции за 2024 година, со кој Европската комисија и земјите членки се повикуваат „да ги исполнат очекувањата на граѓаните за заштита на климата“ и да обезбедат целосна имплементација на законодавството на ЕУ за животна средина.
Во Извештајот се посочува дека трета година по ред подносителите на петиции најчесто покренувале прашања за проблеми поврзани со животната средина.
- Загриженоста на подносителите на петиции за животната средина доминираше во работата на Комитетот во 2024 година. Покренатите прашања се однесуваа на статусот за заштитата на волците, влијанието на правилата на ЕУ за уништување на шумите, токсичност на пестицидите, зачувување на земјиштето, третманот на отпад, на наводното влијание на индустријата за фосилни горива во донесувањето одлуки во ЕУ и за зголемување на трошоците за живот, се наведува во Извештајот.
По прашањата поврзани со животната средина на кои отпаѓаат 20,1 отсто од сите петиции, следуваат лични прашања поврзани со секундарна тема со 13,2 проценти, заштитата на основните права со 11,4, внатрешниот пазар со 11,2 и правдата со 9,1 отсто.
Меѓу прашања што ги разгледувал Комитетот за петиции се и заштитата на податоци, правата на работниците, приемот на мигранти и баратели на азил и заштита на правата на децата, вклучително и нивната безбедност на интернет.
Со договорите на ЕУ на граѓаните им е загарантирано правото да поднесуваат петиции до Европскиот парламент за прашања од надлежност на Унијата.
Во текот на 2024 година до Европарламентот биле доставени 1.518 петиции, од кои дури 82,3 отсто беа поднесени по електронски пат преку веб-порталот за петиции. сп/ссм/
Фото: МИА Архива