• понеделник, 23 декември 2024

Европејците сметаат дека имаат полза од меѓународната трговија

Европејците сметаат дека имаат полза од меѓународната трговија

Брисел, 25 јуни 2024 (МИА) - Над шест од десет граѓани на Европската Унија веруваат дека имаат корист од меѓународната трговија, што претставува зголемување во споредба со последното такво истражување спроведено во 2019 година, покажува најновата анкета на Евробарометар посветено на меѓународна трговија.  

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, истражувањето открива дека Европејците ги ценат придобивките што ги носи меѓународната трговија, како што се поширок избор на стоки и производи по попристапни цени.  

Дополнително, тие изразуваат и силна поддршка за улогата на ЕУ во глобалната трговија, пројавуваат голем интерес за искористување на трговската политика за пошироки општествени придобивки и имаат критичка свест за стратешките императиви што ги предизвикуваат геополитичките тензии.  

Дури 74 отсто од Европејците сметаат дека ЕУ е поефикасна во одбраната на трговските интереси на земјите членки, отколку доколку секоја од нив би дејствувала самостојно, а 82 проценти веруваат дека „се потребни меѓународни трговски правила за да одржување на рамноправни услови за игра“.  

Значителен раст бележи и довербата во ЕУ во водењето на трговската политика и во нејзината способноста да се однесува одговорно во сложениот глобален трговски пејзаж. 

На прашањето кои се најважните причини поради кои ЕУ треба да води трговска политика, покрај поттикнување на трговијата со земји што не се членки на блокот, меѓу приоритетите е и здравјето и безбедноста на потрошувачите.  

Околу 35 отсто од европските граѓани очекуваат трговската политика на ЕУ да го заштити здравјето на потрошувачите, 27 проценти националната безбедност, а 18 отсто чувствителните технологии.  

Според Евробарометар, ваквиот тренд укажува на свесност на Европејците за важноста на трговијата за поширока економска безбедност, како и поддршка за самоувереност како клучна цел на трговската политика на ЕУ.  

Резултатите од овој истражување ќе бидат вклучени и во дискусиите во рамките на новата Европска комисија за иднината на трговската политика на ЕУ. 

Инаку, ова е трето истражување на Евробарометар за ставовите на Европејците за трговијата и трговската политика на ЕУ, по оние од 2010 и 2019 година.  

Најновата анкета е спроведена помеѓу 12 јануари и 4 февруари оваа година со опфат на над 26 000 испитаници од различни социјални и демографски групи од сите земји членки на ЕУ. Анкетата е спроведена лице в лице на локалните јазици на репрезентативен примерок согласно стандардите на Евробарометар. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан