• среда, 05 март 2025

Европа мора да ја зближи САД со Украина, вели чешки министер

Европа мора да ја зближи САД со Украина, вели чешки министер

Прага, 5 март 2025 (МИА) - Европа треба да ја ангажира САД во дебатите за безбедноста и да помогне во пронаоѓањето начин да ја зближи со Украина, откако Вашингтон ја стопираше воената помош за Киев, изјави чешкиот министер за надворешни работи, Јан Липавски.

Тој истакна дека Европа мора да биде подготвена да ја замени поддршката на САД за Украина и европската безбедност со сопствени ресурси. Чешката влада веќе дискутира за зголемување на трошоците за одбрана на 3 отсто од БДП во наредните години, во споредба со 2 отсто лани.

Чешка е и предводник во иницијативите за обезбедување муниција за Украина. Липавски нагласи дека оваа иницијатива веќе осигурала испораки за следните месеци, а се работи и на дополнително финансирање од донаторските земји.

Европската комисија вчера предложи план за ре-вооружување, со кој владите на земјите членки на ЕУ би можеле да позајмат до 150 милијарди евра, во услови на зголемени стравувања дека Европа веќе не може целосно да се потпира на американската заштита.

Липавски го поздрави овој план, оценувајќи го како добра основа за самитот на лидерите на ЕУ, на кој ќе се расправа за Украина и безбедноста.

- Мораме да продолжиме со ангажманот на САД во дебатата за европската безбедност и да најдеме начин како да ги зближиме САД и Украина, рече Липавски, додавајќи дека Европа не треба да се откаже од соработката со Вашингтон.

Липавски смета дека Украина мора да биде дел од преговарачката маса, предупредувајќи дека претходните договори за прекин на огнот меѓу Киев и Москва не беа успешни.

- Клучен интерес на Чешка и, се надевам, на повеќето европски држави е да се спречи рускиот империјализам и да се заштити принципот дека границите не можат да се менуваат со сила, истакна тој. ссм/

фото: архива

Остани поврзан