• среда, 20 ноември 2024

Еврокомисијата веднаш тројно ќе ја зголеми хуманитарната помош за Газа на повеќе од 75 милиони евра

Еврокомисијата веднаш тројно ќе ја зголеми хуманитарната помош за Газа на повеќе од 75 милиони евра

Брисел, 14 октомври 2023 (МИА) - Европската комисија веднаш тројно ќе ја зголеми хуманитарната помош за Газа на повеќе од 75 милиони евра. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен попладнево разговараше со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

„Комисијата веднаш ќе го зголеми за 50 милиони евра сегашниот финансиски коверт на хуманитарна помош предвиден за Газа. Со ова се зголемува вкупниот износ за помош на повеќе од 75 милиони евра. Ќе продолжиме тесно да соработуваме со ОН и нивните агенции за да се осигураме дека оваа помош стигнува до оние на кои им е потребна во Појасот Газа. Комисијата го поддржува правото на Израел да се брани од Хамас, со целосно почитување на меѓународното хуманитарно право. Затоа работиме напорно за да обезбедиме поддршка за невините цивили во Газа“, рече Фон дер Лајен.

Комесарот на Комисијата за управување со кризи, Словенецот Јанез Ленарчич, рече: „Комисијата прави се што е во нејзина моќ да обезбеди хуманитарна поддршка за цивилите во Појасот Газа. Ова тројно зголемување на хуманитарната помош на ЕУ ќе помогне да се обезбедат основните потреби на цивилите во Газа. Клучно е да се обезбеди безбеден и неограничен пристап до хуманитарна помош“. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан