Еврокомесарката Јохансон: Договорот Албанија-Италија за мигрантите не го прекршува правото на ЕУ
- Договорот што ѝ дозволува на Италија да изгради прифатни центри во Албанија за илјадници мигранти спасени во Медитеранот не го прекршува правото на Европската унија, кое се однесува на ова прашање, изјавила еврокомесарката за внатрешни работи и миграција Илва Јохансон.
Тирана, 15 ноември 2023 (МИА) - Договорот што ѝ дозволува на Италија да изгради прифатни центри во Албанија за илјадници мигранти спасени во Медитеранот не го прекршува правото на Европската унија, кое се однесува на ова прашање, изјавила еврокомесарката за внатрешни работи и миграција Илва Јохансон.
- Првичната оценка на нашата правна служба е дека договорот Албанија-Италија не го прекршува правото на ЕУ, кое се однесува на ова прашње, рекла Јохансон, јави Топ чанел.
Според телевизијата оваа нејзина изјава потврдува дека овој договор нема да биде предаден на Судот на правдата на ЕУ.
Претходно високиот комесар за човекови права во Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, изјави дека договорот постигнат меѓу Албанија и Италија за имигрантите ја зголемува загриженоста за човековите права и оти одговорностите за барателите на азил излегуваат надвор од европската рамка.
Исто така, договорот беше критикуван од организацијата за човекови права, Амнести интернешнал, која го нарече „незаконски и неспроведлив“.
Во меѓувреме договорот, што на 6-ти месецов го потпишаа премиерите Еди Рама и Џорџа Мелони, беше поддржан на денешната седница на албанската Влада и се очекува набрзо да се најде на дневен ред на Парламентот, за ратификација.
Документот предвидува изградба на прифатни центри во пристанишниот град Шенѓин и поранешната, сега напуштена воена база во Ѓадер, околија Лежа.
Од идната пролет, од Италија, месечно ќе бидат транферирани три илјади, а годишно 36 илјади мигранти, кои тука ќе чекаат одговор на барањата за азил. вт/рп/