• понеделник, 23 декември 2024

Евроамбасадорот Гир ќе ја отвори изложбата „Стаклена соба: Дигиталниот свет- стапица за вашите лични податоци“

Евроамбасадорот Гир ќе ја отвори изложбата „Стаклена соба: Дигиталниот свет- стапица за вашите лични податоци“

Скопје, 25 октомври 2023 (МИА) - Во „Europe House“ Скопје денеска амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија ќе ја отвори изложбата „Стаклена соба: Дигиталниот свет- стапица за вашите лични податоци“, во организација на Делегацијата на Европската Унија и Македонскиот институт за медиуми.

Изложбата се состои од илустрирани постери и видео анимации, осмислени и подготвени од Тактикал Тек (Tactical Tech), меѓународна невладина организација со седиште во Берлин, коишто сликовито доловуваат какви сѐ типови податоци оставаме зад нас додека секојдневно користиме интернет.

- Веб-страниците, апликациите, социјалните медиуми и „паметните“ уреди постојано се стремат кон иста цел- да им обезбедат милијарди податоци на ИТ компаниите. Не какви било податоци, туку наши податоци. Токму затоа, исклучително важно е интернет-корисниците да знаат што навистина се случува зад екраните - во дигиталниот свет и зошто е важно да го контролираат својот живот онлајн, се посочува во соопштението од МИМ.

Посетителите на изложбата ќе имаат можност да дознаат зошто нашите телефонските броеви не се само наши, колку чинат „бесплатните“ апликации, како  нѐ профилираат, што сѐ може да дознаат за нас преку секојдневните навики на користење и како функционира индустријата за податоци.

Поставката во Скопје ќе биде достапна за посетителите во следните два месеци, а во текот на 2024 година ќе биде поставена и во просториите на „Europe House“ во Крива Паланка и во Струмица.

Изложбата се организира во рамки на петтите по ред Денови на медиумска писменост-2023 (ДМП) што ги организира Мрежата за медиумска писменост. цр/ев

Фото: МИМ

 

Остани поврзан