Дурмиши-Џабаров: Ги отвораме вратите за посилна економска врска со Азербејџан
- Министерот за економија, г. Бесар Дурмиши, денеска оствари средба со официјална делегација од Република Азербејџан, предводена од министерот за економија Микаил Џабаров по повод одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.
Скопје, 21 јули 2025 (МИА) - Министерот за економија Бесар Дурмиши денеска имаше средба со официјална делегација од Република Азербејџан, предводена од министерот за економија Микаил Џабаров по повод одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, соопшти Министерството за економија и труд.
-Вашата посета денес не е само дипломатски гест, туку симболичен и суштински момент. Оваа годишнина е повод за сеќавање, но и можност за визија – да ја зацврстиме и продлабочиме нашата економска и стратешка соработка, истакнал министерот Дурмиши.
Во рамките на разговорите бил потенциран и интересот за соработка во рамки на енергетиката, земјоделството, туризмот, фармацијата, инфраструктурата и инвестициите во мали и средни претпријатија.
Министерот Дурмиши порачал дека денешната средба претставува мост кон јужниот гасен коридор, кон пазарите во Кавказот и кон една заедничка, стабилна и економски поврзана иднина.
-Убеден сум дека ова е само почеток на едно ново, посилно партнерство, заклучил Дурмиши. свс/вг/
Фото: Министерство за економија и труд