• сабота, 23 ноември 2024

Дуле: Пописниот процес оди кон неуспех, има сериозни прекршувања во однос на малцинствата

Дуле: Пописниот процес оди кон неуспех, има сериозни прекршувања во однос на малцинствата

Тирана, 23 октомври 2023 (МИА) – Лидерот на грчката партија за заштита на човековите права, ПБДНЈ и пратеник во албанскиот Парламент, Вангел Дуле, во изјава за медиумите изрази резервираност за пописните резултати, пред сè за веродостојноста на податоците за националните малцинства.

Дуле нагласи дека за пописот немало ангажирани попишувачи од малцинствата, што условило етничката припадност да ја пишуваат како што тие сакаат или воопшто да не ја наведуваат, додавајќи дека „сериозните прекршувања водат до неуспех на овој процес“.

Пописот на населението во Албанија почна на 18 септември и предвидено е да заврши на 30 овој месец. Пописниот формулар содржи 100 прашања, при што за три од нив, етничка и верска припадност и мајчин јазик, одговорот е незадолжителен.

Дуле го изнесе и незадоволството од процентот на реализација на обврските од страна на Владата, предвидени со законот за заштита на малцинствата.

- Нашата земја ја потпиша конвенцијата за заштита на малцинствата во 1995 година, а потоа ја ратификуваше. Сè уште има изразени недостатоци кои го отежнуваат спроведувањето на правата на припадниците на националните малцинства. Во време кога законот за малцинства беше изгласан во Собранието во 2017 година, ветувањето беше дека до мај 2018 година ќе бидат спроведени обврските предвидени со законот, но за жал, Владата се уште нема реализирано некои од нив, кои се од специфично значење, рече Дуле.

Покрај другото, тој незадоволство искажа и од работата на Комитетот за национални малцинства.

- Би можел да споменам и други аспекти на законодавството, но би отишол на второто ниво, тоа на институциите за следење и гарантирање на националните права на малцинствата. Го имаме комитетот за заштита на малцинствата, но, за жал овој, комитетот има поинаква мисија од онаа за која е предвидено со закон, рече Дуле.

Комитетот за национални малцинства е владин орган во кој членуваат претставници од сите признаени национални малцинства во оваа земја. вт/паг/

Остани поврзан