• понеделник, 23 декември 2024

Дука: Продолжуваме со проекти во интерес на граѓаните на општина Дебар

Дука: Продолжуваме со проекти во интерес на граѓаните на општина Дебар

Дебар, 10 ноември 2023 (МИА) - Општина Дебар продолжува со проекти во интерес на граѓаните, посебно од инфраструктурата, а кои влијаат и врз заштитата на животната средина,  истакнува за МИА,  градоначалникот Хекуран Дука.

- Покрај другите, почнавме со реализација на уште еден значаен проект а тоа е изградба на фекална канализација во населба „Тилбе“, која ќе се поврзува со населбата „Венец 2“, во должина од 355 метри,  што е капитална инвестиција вредна над четири милиони  денари. Средствата ги добивме од Министерството за животна средина и просторно планирање, согласно објавениот конкурс за распределување на средства, финансирање и реализирање на програмски проекти  и други активности од областа на животната средина за 2023 година, објаснува Дука.

Според него, негативното влијание врз животната средина директно влијаело врз територијата на населбата „Тилбе“ но и поблиската населба „Венец 2“, кои претставуваат урбани населби на град Дебар, со околу три илјади жители.

-Фекалните води во понатамошниот тек се слеваат како нетретирани во септички јами. Несоодветното третирање на фекалните води врз загадувањето на водите и почвата и ширење на непријатна миризба, како и претставува негативно влијание врз здравјето на луѓето и животниот свет. Исто така, не постоењето на фекална канализациона мрежа во овој локалитет негативно влијае и од економски аспект, затоа што локалитетот не е привлечен за инвестирање, оценува тој.

Искажува задоволство што над 60 отсто се реализирани предвидените зафати од инфраструктурниот мегапроект за целосна реконструкција на четири улици во населба „Венец 1“, изградени пред 1980 година, реконструкција на тротоарите и за првпат изградба на нова атмосферска канализација. 

-Проектот е со вредност од околу 37.000.000 денари што е најскапиот инфраструктурен проект досега во општина Дебар. Проектот се реализира со финансиската поддршка добиена на конкурсот на Министерството за транспорт и врски, со обезбедени средства од страна на Светска банка а се опфатени улици во должина од 1250 метри, додава Дука.

Деновиве, како што информира, почната е реализација на проект од кој бенефит ќе имаат ромската заедница и сите граѓани кои живеат во населбата „Намазјар“ во Дебар, а кој опфаќа неколку зафати, и тоа поставување заштитна мрежа во спомената населба, санирање на оштетувања на  улицата „Танас Топаловски“, обезбедување на водоводната мрежа и обнова на потпорниот ѕид.

За оваа цел, Европскиот совет и програмата РОМАКТЕД фаза 2, заедничката програма на Европската унија и Европскиот совет на општина Дебар и одобри средства во износ од 10 илјади евра.  Тоа во рамки на  проектот  „Промовирање на доброто управување и зајакнување на Ромите на локално ниво“. 

- Исто така, во тек се проекти во неколку населени места, како што е обновување на улично осветлување во село Долно Косоврасти, каде изградивме нов резервоар за вода. Како локална власт ќе продолжиме со реализација на проекти кои се во интерес на сите граѓани на нашата општина, рече во разговор за МИА, дебарскиот градоначалник Хекуран Дука. вт/лв/

 

ФОТО: МИА

 

Остани поврзан