• петок, 05 декември 2025

ДУИ им го честита Денот на Европа на сите граѓани на Република Северна Македонија

ДУИ им го честита Денот на Европа на сите граѓани на Република Северна Македонија

Скопје, 9 мај 2025


Овој ден е симбол на континент кој низ тешки историски искуства успеа да изгради политичка архитектура заснована на мир, соработка и вредности. За нас, тоа отсекогаш било повеќе од геополитичка ориентација – тоа е идентитетска определба.

Европската Унија е нашата стратешка цел уште од независноста.
Преку неа, ја артикулиравме внатрешната реформска агенда, го изградивме консензусот околу меѓуетничката еднаквост, и го дефиниравме нашето место во светот.
Полноправното членство не е награда – тоа е логичен исход на долгогодишни, понекогаш болни, но нужни одлуки што ги донесовме како општество.

Знаеме дека патот не е лесен. Но и во сложени внатрешни околности, како сериозна политичка партија остануваме убедени дека државата нема друга алтернатива освен да го продолжи европскиот пат – не декларативно, туку низ конкретни чекори, низ функционални институции, правна држава и доследно почитување на преземените обврски.

Истовремено, сме свесни дека денешна Европа се соочува со предизвици кои директно го тестираат нејзиното единство и вредносна кохезија – од енергетски и економски шокови, до воени закани и ревизионистички амбиции во нејзиното соседство.
Политичките актери во нашата држава имаат одговорност да не ја релативизираат оваа реалност, туку да се позиционираат јасно и усогласено со евроатлантските сојузници.

ДУИ останува посветена на заедничката заложба за Европа што е стабилна, безбедна и обединета – во која Северна Македонија не е само корисник, туку и активен учесник и сојузник.

ДУИ

Фото: МИА архива

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан