• четврток, 26 март 2026

Дуда предлага промена на полскиот Устав со цел четири проценти од БДП задолжително да одат за одбрана

Дуда предлага промена на полскиот Устав со цел четири проценти од БДП задолжително да одат за одбрана

Варшава, 7 март 2025 (МИА) – Полскиот претседател Анджеј Дуда денеска до парламентот поднесе предлог за измена на Уставот за да вклучи обврска Полска да троши најмалку четири отсто од својот БДП за одбрана годишно.

- Денеска до претседателот на Сејмот доставив предлог за измена на Уставот за воведување обврска за издвојување четири отсто од БДП за одбрана. Сметам на консензус на пратениците и дека измените ќе бидат усвоени, рече полскиот претседател во Долниот дом на парламентот пред дебатата за одбраната на која премиерот Доналд Туск ќе ги претстави плановите на владата.

За Полска, додаде тој, најважно е мирот во Украина да биде траен и стабилен.

- Мора да има силни гаранции и мора да создадеме силни гаранции за себе. Се надевам дека Полска никогаш нема да се врати на растурање на својата армија, рече Дуда.

Полскиот претседател ја пофали владата и рече дека чувствува оти во областа на безбедноста и одбраната, Полјаците дејствуваат заедно и обединети, и додека задача на премиерот е да преговара во Европа, Дуда си презеде обврска да се стреми да одржува силни врски со САД дури и под новата администрација на Доналд Трамп, која е идеолошки блиска со партијата од која потекнува полскиот претседател, опозициската Право и правда на поранешниот премиер Јарослав Качињски.

Полска оваа година планира да одвои 4,7 отсто од својот БДП за одбраната, што е многу повеќе отколку што издвојуваат САД. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан