• сабота, 23 ноември 2024

ДТИРЗ: Одобрена предвремена исплата на обврските кон странски инвеститори

ДТИРЗ: Одобрена предвремена исплата на обврските кон странски инвеститори
Скопје, 23 декември 2020 (МИА) - Дирекцијата за технолошко развојни зони (ДТРИЗ) одобри предвремена исплата на обврските на државата кон две странски инвестиции Костал и Гентерм, кои порано од предвиденото веќе ги постигнале планираните таргети за вработување и заклучно со крајот на 2020 година само во овие две компании креирани се над 1 000 работни места повеќе од поставените цели. Американската компанија Гентерм предвидела 1 255 работни места до крај на 2024 година,  во моментов имаат 2 173 ангажирани лица, додека компанијата Костал која има обврска до крајот на 2022 да отвори 730 работни места веќе има 820 креирани работни места. Двете компании се дел од автомобилската индустрија. - Воведуваме нов квалитет во работење на Дирекцијата – буквално ги следиме во чекор инвеститорите во реализацијата на инвестициите. Дирекцијата и Владата се сериозен партнер и со ваквите мерки покажуваме дека имаме капацитет да ја следиме динамиката на сите компании кои забрзано инвестираат и исполнуваат поставени цели. Со предвремената исплата ги поттикуваме и останатите инвеститори забрзано да вложуваат во својот развој и да ги шират капацитетите, порача директорот на ДТИРЗ, Јован Деспотовски. Вкупниот износ на предвреме исплатени обврски на државата кон овие две компании изнесува 51,2 милиони денари, средства обезбедени со Одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетски корисници донесена од страна на Владата во декември 2020 година. Од ДТИРЗ информираат дека во моментот во индустриските зони работат над 14 000 лица и анализите покажуваат дека  и во услови на криза бројот на вработени во овие компании останува стабилен. Нагласуваат дека веќе работат на креирање посебни државни програми и мерки со цел да се поттикнат компаниите да исплаќаат повисоки плати, како и да се привлечат инвестиции со повисока додадена вредност кои ќе донесат и подобро платени работни места. - Целта на Дирекцијата е поттикнување на раст на платите на работниците ангажирани во индустриските зони за 30% до 50% до 2024 година, се вели во соопштението од ДТИРЗ. ДТИРЗ, се наведува во соопштението, работи на нов пристап во делот на грижата на корисници како и на развој на нови иницијативи во делот на привлекување приватен капитал во развојот на инфраструктурата и инвестициите. аа/дма/

Остани поврзан