Д-р Нелоска за МИА: На Геријатрија згрижуваме 340 пациeнти, но капацитетот не е доволен, рапидно расте процентот на постара популација
- Рапидно расте процентот на постара популација, со демографските промени што се случуваат глобално. Оваа популација има поголеми здравствени потреби, кои треба континуирано и соодветно да се третираат. Во спротивно, не страда само болниот, туку и целото семејство. Во Македонија на 100 000 жители со 65+ има 127 кревети во геријатриска установа. Споредено со нашите соседи членки на ЕУ, ние имаме подобра позиција, но и покрај тоа, капацитетите не се доволни. Ова, меѓу другото, го подвлече во интервју за МИА, прим. д-р Ленче Нелоска, директорка на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ - Скопје.
Скопје, 13 ноември 2025 (МИА) -
Блаже ДАРУДОВ
Рапидно расте процентот на постара популација, со демографските промени што се случуваат глобално. Оваа популација има поголеми здравствени потреби, кои треба континуирано и соодветно да се третираат. Во спротивно, не страда само болниот, туку и целото семејство. Во Македонија на 100 000 жители со 65+ има 127 кревети во геријатриска установа. Споредено со нашите соседи членки на ЕУ, ние имаме подобра позиција, но и покрај тоа, капацитетите не се доволни, посочува во интервју за МИА, прим. д-р Ленче Нелоска, директорка на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ - Скопје.
-Кај нас, често не се прави разлика меѓу старски дом, геријатрија и палијативна грижа. Капацитетите на установата се лимитирани и секогаш исполнети, што резултира со листи на чекање и неможност да им се помогне на пациентите и на семејствата, тогаш кога е најпотребно, вели д-р Нелоска и укажува на потребата од стратегија за оваа гранка од медицината.
По повод патрониот празник на установата, ја организираат Првата годишна научна конференција за геријатриска и палијативна медицина.
-Сметаме дека оваа конференција е потребна од неколку причини. Со демографските промени кои се случуваат глобално, рапидно расте процентот на постара популација. Оваа популација има поголеми здравствени потреби, кои треба континуирано и соодветно да се третираат. Во спротивно, не страда само болниот, туку и целото семејство. Таквата грижа треба да ја пружаат специјализирани здравствени установи, истакна Нелоска.
Следува целосното интервју што за МИА го даде прим. д-р Ленче Нелоска.
Во петок се организира Првата годишна научна конференција за геријатриска и палијативна медицина, насловена „Каде сме и каде сакаме да бидеме?“. Па, каде сме како држава кога е во прашање оваа гранка во медицината?
-Геријатриската и палијативната медицина, глобално стануваат критична тема. До 2050 година најголемиот дел од популацијата ќе биде на возраст над 60 години и ќе има голем импакт на здравствените системи. Секоја земја развива сопствен модел, соодветно на потребите и можностите. Така, во 2022 година, најголем број кревети по глава на жител, во установи за долготрајна грижа е забележан во Холандија и Шведска, а најмал во Грција и Бугарија.
Кај нас, често не се прави разлика меѓу старски дом, геријатрија и палијативна грижа. Капацитетите на установата се лимитирани и секогаш исполнети, што резултира со листи на чекање и неможност да им се помогне на пациентите и на семејствата, тогаш кога е најпотребно.
Јавната здравствена установа Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ - Скопје е специјализирана здравствена установа, единствена од ваков вид во Македонија. Болницата згрижува 340 пациенти.
Ние обезбедуваме интердисциплинарен пристап во работата, каде во фокусот е пациентот, со стандардизација на квалитетот на здравствените услуги и евалуација на достигнатите резултати.
Во рамки на одделот за геријатриска медицина, функционираат помали единици (акутни и хронични), каде се сместени пациентите за долготрајно лекување, најчесто лица над 65 години (состојби после мозочни удари, вигилни коми, кардиолошки, невролошки, психијатриски и други заболувања).
Палијативна заштита се спроведува во Хосписите Сју Рајдер во Скопје и во Битола. Основната цел е да се достигне најдобриот можен квалитет на животот на пациентите, контрола на симптомите, психолошка, духовна и емоционална поддршка, поддршка на семејствата во период на жалоста заради болниот губиток.
Во склоп на установата, функционира и старскиот дом „Мајка Тереза“, каде се резиденти лица кои се самостојни во секојдневните животни активности.
Познато е дека во Македонија има јавни и приватни домови за стари, во кои заради недостаток на болнички капацитети, неадекватно се сместуваат пациенти со различни здравствени предизвици. Сметам дека е неопходна интерсекторска соработка и координација меѓу здравството и социјалата. Неопходна е категоризација на пациентите, но и на установите.
Во процесот на планирање и создавање на капацитети, треба да се земат предвид и приватните домови, кои би се лиценцирале за определено ниво на нега. Сметајќи ги и овие кревети во Македонија на 100 000 жители со возраст од 65+ има 127 кревети во геријатриска установа. Споредено со нашите соседи членки на ЕУ, ние имаме подобра позиција, но и покрај тоа, капацитетите не се доволни.

Кои се приоритетите на кои треба да се работи, за подобрување на геријатриската и палијативната медицина во нашата земја?
-Потребна е стратегија за оваа гранка од медицината, заради трендот на раст на повозрасната популација, како и на малигните болести. Суштинска е интерсекторска координација меѓу секторите здравство и социјала за создавање на модел според наши потреби.
Според мене, најефикасен ќе биде регионалниот пристап во планирањето на капацитетите и кадарот.
Какви се следните чекори, што ќе треба да создадат подобри услуги, за геријатриските и палијативните пациенти во македонски услови, на подолг рок?
-Сметам дека прв чекор треба да биде демографска проценка и проекција по региони во Македонија и анализа на постојните неискористени капацитети.
Истовремено, потребна е категоризација на пациентите според дијагноза, степен на попреченост и зависност од туѓа помош.
Како ќе се решава недостигот од јавни капацитети за згрижување на стари лица во државата?
-Со создавање на нови и секако со регионално планирање. Паралелно, неопходна е категоризација на установите (јавни и приватни) за специфична категорија на пациенти, на пример:
категорија - дом за згрижување
категорија - дом за нега (nursing home)
категорија - болница за долготраен престој (геријатрија и палијатива)
Исто така, треба да се креира патека на движење на пациентот, врз база на медицина базирана на докази, односно, негово движење од една во друга категотија на болеста, како и движење од една до друга лиценцирана установа за определено ниво на грижа.

Имаме ли доволно стручни кадри, за остварување на зацртаните цели во геријатриската и палијативната медицина?
-Геријатријата и палијативата не се доволно застапени во програмите на Средното медицинско училиште, како и на медицинските факултети. Потребна е промена во наставните програми и овие две гранки да го добијат неопходниот простор. Медицинскиот факултет во Скопје во 2023 година за првпат започна со супспецијализација, на која се две докторки од нашата установа, кои ќе завршат во март следната година и планираме да пратиме две други.
Фото: Дарко Попов