• сабота, 25 јануари 2025

ДР Конго: Девет мировници на ОН повредени во судир со припадниците на М23

ДР Конго: Девет мировници на ОН повредени во судир со припадниците на М23

Киншаса, 25 јануари 2025 (МИА) – Девет припадници на мировните сили на Обединети нации се повредени во судирите со бунтовничката група М23 во источниот дел на Демократска Република Конго.

Мировниците на ОН се повредени во местото Саке, 27 километри западно од Гома, град со околу два милиони жители, кој е клучен центар за безбедносни и хуманитарни активности, а изминатите недели е опколен од припадниците на М23.

Бунтовничката група М23, составена главно од членови на етничката заедница Тутси, претходно го освои Гома во 2012 година и го контролираше градот повеќе од една недела.

Конфликтите во источниот дел на ДР Конго, богат со минерали траат со децении, каде дејствуваат околу 100 вооружени групи, што доведе до една од најголемите хуманитарни кризи во светот.

ДР Конго, САД и експертите на ОН ја обвинуваат Руанда за поддршка на М23, а Кигали негира. Но, Руанда има распоредено војници и ракетни системи во источниот дел на ДР Конго, како што тврди поради своја безбедност.

Поради напредувањето на М23 во источно ДР Конго од почетокот на годината раселени се повеќе од 400.000 луѓе, што ги влошува условите во пренаселените центри за раселени лица во и околу Гома и доведе до пораст на случаите на колера, предупреди Агенцијата за бегалци на ОН. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан