• понеделник, 23 декември 2024

Дритон Небиу од Алијанса за Албанците пријави сопартиец за физички напад

Дритон Небиу од Алијанса за Албанците пријави сопартиец за физички напад

Тетово, 5 февруари 2024 (МИА) - Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Дритон Небиу, во СВР Тетово пријавил физички напад кој се случил во угостителски објект каде отишол заедно со членови на партијата Алијанса за Албанците по завршување на партиската прес-конференција. СВР Тетово потврди дека е пријавен случајот во неделата во 19:40 часот.

- По завршување на партиските активности заминавме во угостителскиот објект Седра да вечераме заедно со сопартијците. Во еден момент едно лице кое не го познавав дојде до масата и ме нападна и со зборовите што ни ги кажа ми се закани по животот, ми рече кој си ти да се занимаваш со ВМРО? Потоа добив информација дека се вика Кренар Османи. Верувам во институциите дека ќе преземат мерки, изјави Дритон Небиу по пријавувањето за порталот на албански јазик Нистори.

СВР Тетово информираше дека се работи на расчистување на случајот.

- Во СВР Тетово било пријавено дека во угостителски објект на улицата „Маршал Тито“ во Тетово лицето Н.Д. било физички нападнато од тетовецот К.О. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, се наведува во соопштението.

Според пишувањата на медиумите на албански јазик, напаѓачот се смета за близок соработник и поддржувач на Таравари, додека пак Небиу вчера ја поддржа иницијативата на Зијадин Села.

Претседателот на АА, Арбен Таравари преку социјалните мрежи повика да се оди на парламентарните избори во коалиција со албанскиот опозициски блок. 

Од друга страна поранешниот лидер и претседател на Централното Собрание Зијадин Села, посочи дека АА ќе оди сама на избори, а рече дека на партиското собрание в сабота ќе се донесе конечна одлука. Села воедно рече дека ќе се побара одговорност за Таравари, за како што рече, непочитување на партискиот статут. ас/аа/

Фото: Дритон Небиу ФБ профил / принтскрин

Остани поврзан