Драмски театар со претставата „Кармен“ на фестивал во Анкара
- Со монодрамата „Кармен“, Драмски театар Скопје в петок (24 октомври) ќе учествува на 17. Меѓународен театарски фестивал ЕТХОС Анкара 2025, кој се одржува од 16 до 26 октомври во главниот град на Турција.
Скопје, 22 октомври 2025 (МИА) - Со монодрамата „Кармен“, Драмски театар Скопје в петок (24 октомври) ќе учествува на 17. Меѓународен театарски фестивал ЕТХОС Анкара 2025, кој се одржува од 16 до 26 октомври во главниот град на Турција.
-Годинава под мотото „Градот и театарот“ на фестивалот ќе учествуваат театарски уметници, амбасадори на културата, претставници на центри за култура и членови на граѓанските и невладини организаци од над 20 земји. Публиката ќе може да ги следи театарските претстави и останатите фестивалски настани на повеќе сцени низ Анкара, соопшти Драмски театар.

Со монодрамата „Кармен“, во која насловниот лик го игра Биљана Драгичевиќ-Пројковска, ДТС учествувал на меѓународни фестивали во Грузија, Молдавија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија и Албанија, како и на десетина гостувања во нашата земја.
-Монодрамата „Кармен“ е создадена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од шпанскиот писател Мигел Делибес, а својата премиера ја имаше во мај 2021 година. Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајковски. Актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата Кармен има добиено неколку меѓународни награди и признанија, соопшти ДТС. хс/дма/
Фото: Драмски театар-Скопје