Драмски театар-Скопје со претставата „Кармен“ на фестивалот РУТА во Хрватска
- Драмски театар-Скопје (ДТС) со монодрамата „Кармен“ в петок ќе учествува на фестивалот РУТА на Бриони во Хрватска, каде што театарот „Улисис“ е домаќин на летното издание на овој фестивал и

Скопје, 10 август 2022 (МИА) - Драмски театар - Скопје (ДТС) со монодрамата „Кармен“ в петок ќе учествува на фестивалот РУТА на Бриони во Хрватска, каде што театарот „Улисис“ е домаќин на летното издание на овој фестивал и на гостувањата на членките од Регионалната унија на театри со нивните претстави.
Фестивалската програма на Бриони е во рамките на театарско-музички проект на тимот на актерот Раде Шербеџија, уметничката директорка Ленка Удовички и директорот Душко Љуштина. На фестивалот настапуваат познати теататски куќи и музичари од десетина земји.
- Учеството на Биљана Драгичевиќ-Пројковска со монодрамата „Кармен“ е трет меѓународен настап на Драмски театар со оваа претстава, по гостувањата на фестивалот РУТА во Сараево и на Македонското културно лето во Албанија, соопшти ДТС.
Монодрамата „Кармен“ е создадена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од Мигел Делибес и премиерно беше изведена во мај 2021 година. Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајковски.
Актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата Кармен, покрај наградите на минатогодишниот фестивал на монодрама во Битола, доби награди и на годинашното издание на Македонско културно лето во Албанија и Интернационалниот фестивал „Актерот на Европа 2022“ во Ресен.
Есенското издание на фестивалот РУТА ќе се одржи во Скопје од 14 до 20 октомври во организација на Драмски театар.
- Македонската публика ќе има можност во ревијалната фестивалска недела да проследи шест претстави од водечките театри на регионот, членки на Регионалната унија на театри-РУТА, информира ДТС. хс/сп/
