Дополнета листата на населени места во Делчево ослободени од комунална такса за улично осветлување
- Советот на Општина Делчево донесе нова одлука за дополнително ослободување на населени места од плаќање комунална такса за улично осветлување.
Делчево, 14 март 2023 (МИА) - Советот на Општина Делчево донесе нова одлука за дополнително ослободување на населени места од плаќање комунална такса за улично осветлување. Со оваа одлука, ослободени од плаќање комунална такса за користење и одржување јавно осветлување се имателите на електрични броила за мерење електрична енергија без јавно осветлување во повеќе населени места.
- Со новата одлука се опфатени село Драмче без Димовско маало, потоа селата Петрашевец, Киселица, Илиово, Турија, Вратиславци, Косово Дабје, Селник, село Ветрен, Црквенец, село Бигла без Бумбарско маало, место викано „Долни бавчи“, место викано „Бакина ливада” и место викано „Брежје“ - потег од место викано „Манастирски ендек” кон место викано „Брежје”, пишува во новата одлука, донесена едногласно од страна на сите советници на одржаната 21. седница.
Согласно одлуката, се ослободуваат од плаќање комунална такса за користење и одржување на јавното осветлување, имателите на електрични броила за мерење електрична енергија без јавно осветлување, лоцирани и поставени на земјоделско земјиште вон мрежата за јавно улично осветлување и придружни објекти во земјоделски површини вон мрежата за јавно улично осветлување.
- Доколку во наредниот период се постави систем за јавно осветлување, имателите на објекти на споменатите населени места ќе бидат дополнително задолжени со наведената такса, информираа од Советот на Општина Делчево
Одлуката, како што додадоа оттаму, ќе биде доставена до Трговското друштво надлежно за дистрибуција на електрична енергија - „ЕВН Македонија“, за нивно запознавање и понатамошно постапување. вс/бд/
Фото: МИА