• четврток, 17 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Донација од одбојкарските судии за Кочани

Донација од одбојкарските судии за Кочани


Скопје, 28 март 2025 (МИА) – Судиската организација на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), водена од чувството на солидарност, донесе одлука сите средства од судиските и делегатските такси од завршницата на одбојкарскиот Куп, што од 3 до 5 април ќе се одржи во салата „25. Мај“ во Радовиш, да бидат донирани за поддршка на семејствата погодени од катастрофалниот пожар во Кочани.
Претседателството на Судиската организација, како што соопшти денеска ОФМ, ваквата одлука ја донесе на својата редовна седница, а исклучок од оваа донација ќе бидат средствата наменети за линиските судии, записничарите и покривање на патните трошоци.
„Со оваа одлука, како судиска организација, сакаме да изразиме длабока емпатија и искрена поддршка кон сите кои беа погодени од онаа несреќа. Секој гест на солидарност, секоја донација, е само мал обид да се ублажи болката на оние кои претрпеа ненадоместливи загуби“ се наведува во соопштението од Судиската организација на ОФМ.
Во пожарот што ноќта меѓу 16 и 17 март се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 59 лица, а повеќе од 200 беа повредени. ег
ФОТО: ОФМ

 

Остани поврзан