Донација за спортската инфраструктура и за детските градинки по повод јубилејот на Амфенол Технолоџи Македонија од Кочани
- Компанијата Амфенол Технолоџи Македонија од Кочани обезбеди донација од над 720 илјади денари за подобрување на спортската инфраструктура во градот, како и за детските градинки од соседните о
Кочани, 14 октомври 2022 (МИА) – Компанијата Амфенол Технолоџи Македонија од Кочани обезбеди донација од над 720 илјади денари за подобрување на спортската инфраструктура во градот, како и за детските градинки од соседните општини од кои има свои вработени.
Донацијата е во рамки на одбележувањето на 9-годишнината од основањето како американска браунфилд инвестиција, што во изминатиот период прерасна во еден од најголемите и најуспешните стопански субјекти во регионот и во државата.
-Како општествено одговорна компанија ќе инвестираме во реконструкција на трибината на повеќенаменското спортско игралиште во дворот на ОУ „Св. Кирил и Методиј“ во Кочани со поставување на настрешница и седишта за гледачите. Ќе донираме и играчки и реквизити за детските градинки во Кочани, Виница, Македонска Каменица, Пробиштип и Берово. Во рамки на прославата организираме и спортски натпревари за екипи од нашите работни единици, а за кои се обезбедени пригодни награди, истакна Сашко Наков, директор на Амфенол Технолоџи Македонија.
Влошените услови за стопанисување во изминатиот период имаат влијание и врз работењето на компанијата, но како извозно ориентирана таа успешно ги реализира плановите за развој.
-Во моментот имаме 2.700 вработени и во споредба со минатата година подогнат е пораст за 17 отсто. Кога ги сумираме бројките може да забележиме дека резултатите од работењето на компанијата се во нагорна линија. Претходно имавме склучено повеќегодишни договори, отворивме и нови сектори, така што во апсолутни бројки не очекуваме големо опаѓање на профитот. Задоволни сме што и во услови на пандемија и енергетска криза успеваме максимално посветено да се справиме со предизвиците. Во фаза на инсталирање сме на фотоволтаични панели, како една од мерките за справување со енергетската криза, така што ќе направиме извесна компензација на трошоците, додаде Наков.
Во рамки на одбележувањето на деветтиот роденден, ќе се одржи пригодна свеченост на која ќе бидат доделени наградите и признанијата за најдобрите работници во изминатиот едногодишен период, како и за 5 години лојалност кон компанијата.та/