Домашни билки благотворни за опуштање, одмор и поцврст сон
- Лавандата, на пр., е позната по своите смирувачки својства и се става во бања. И до креветот може да се стави ќесичка сушена лаванда, а може и саксија со живо растение во домот.
Скопје, 22 јyли 2024 (МИА) - Секоја просторија изгледа поубаво збогатен со домашни растенија, вклучувајќи ја и спалната соба. Но, тука пожелно е да се стави зеленило кое нема да ги лиши луѓето од кислород навечер, нема да собира прашина, и коешто е добро за сонот.
Одредени растенија во затворен простор имаат дури и корисни ефекти за психофизичкото здравје, пренесува српскиот портал „Политика“. Следат неколку примери...
Лавандата, на пр., е позната по своите смирувачки својства и се става во бања. И до креветот може да се стави ќесичка сушена лаванда, а може и саксија со живо растение во домот. Како додаток се користи во многу лекови против стрес и несоница.
И спатифилумот може да се стави во спалната соба. Тој, според познавачите, помага за подобро спиење. Го филтрира воздухот во затворените простории и ја зголемува влажноста, што помага за полесно дишење и полн одмор.
Ова растение треба да се чува подалеку од директна сончева светлина и редовно да се наводнува.
Растение за квалитетен сон е и сансеверијата. Таа е позната по својата способност да ги впива штетните материи и честички и да го претвора јаглерод-диоксидот во кислород дури и ноќе (повеќето растенија го прават тоа само во текот на денот). Сè ова придонесува за брзо заспивање и цврст, здрав сон.
Зголеменото ниво на кислород е корисно и за менталното здравје, бидејќи ја зголемува енергијата и го подобрува расположението. Сансеверијата е прилично лесна за одржување - треба да се полева само еднаш на неколку недели, кога почвата е целосно сува. Важно е и тоа дека овој цвет сака индиректна светлина.
И гарденијата е растение со прекрасен мирис, којшто помага за опуштање и полесно заспивање. Имено, некои испитувања покажаа дека смирувачкиот мирис од гарденија ја намалува анксиозноста и има сличен ефект како апчиња за спиење.
Истражувањата покажаа и дека мирисот на јасмин може има слично „седативно“ дејство.
Англискиот бршлен, пак, го прочистува воздухот. Така ги отстранува штетните честички и создава домашна клима погодна за опуштање и лесно заспивање. си/
Фото: МИА архива