• недела, 22 декември 2024

Доделување на награди за професионално известување за состојбата на бегалците и лицата без државјанство

Доделување на награди за професионално известување за состојбата на бегалците и лицата без државјанство

Скопје, 19 јуни 2024 (МИА) - Во организација на Македонското здружение на млади правници во партнерство со УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци и Здружението на новинарите на Македонија денеска во Скопје ќе се одржи десеттото доделување на Наградите за професионално известување за состојбата на бегалците и лицата без државјанство.

Наградите се доделуваат во поддршка на извонредното новинарство кое го насочува вниманието кон предизвиците и приказните на бегалците и лицата без државјанство во Република Северна Македонија. 

-Овој настан се одржува во очи на Светскиот ден на бегалците, кој глобално се одбележува на 20 јуни- ден кога се потсетуваме на храброста и издржливоста на десетици милиони бегалци ширум светот, како и на нашата колективна одговорност да дадеме поддршка и да бидеме солидарни со бегалците. Според Годишниот извештај на УНХЦР,  до мај 2024 година, бројот на присилно раселени лица во светот достигна 120 милиони, што е највисоко ниво досега. Ова е дванаесетто последователно годишно зголемување, поттикнато од нови и постојани конфликти, како и од неуспехот да се решат долгогодишни кризи. Клучни причини за зголемувањето се конфликтите во Судан, каде до крајот на 2023 година имало 10,8 милиони раселени лица, и насилствата во Демократската Република Конго, Мјанмар и Газа. Сириската криза останува најголема со 13,8 милиони присилно раселени лица, велат организаторите на настанот.

Оттаму додаваат дека високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди, апелира за итно делување од меѓународната заедница за решавање на причините за раселувањето и почитување на меѓународното право и истакнува дека без подобра соработка, бројот на раселени лица ќе продолжи да расте, што ќе доведе до нови хуманитарни предизвици.

Бројот на лица кои бегаат од конфликти внатре во своите земји се искачил на 68,3 милиони, што е речиси 50% повеќе во последните пет години. Бројот на бегалци и лица со потреба од меѓународна заштита достигнал 43,4 милиони, од кои 75% живеат во земји со низок и среден приход.

И покрај предизвиците, додава Гранди, извештајот покажува и знаци на напредок: повеќе од 5 милиони внатрешно раселени лица и 1 милион бегалци се вратиле дома во 2023 година, а преселувањата во трети држави се зголемија на речиси 160.000. сст/аа/

Фото: Македонското здружение на млади правници

 

Остани поврзан