Доделување на наградата „Пегаз“ за 2025 година и промоција на победничкиот роман „Кривата Дијана“ од Фросина Пармаковска
- На писателката Фросина Пармаковска вечер свечено ќе и биде доделена наградата „Пегаз“ за 2025 година, за нејзиниот роман „Кривата Дијана“ кој победи на конкурсот организиран од издавачката куќа „Арс Ламина“.
Скопје, 9 декември 2025 (МИА) - На писателката Фросина Пармаковска вечер свечено ќе и биде доделена наградата „Пегаз“ за 2025 година, за нејзиниот роман „Кривата Дијана“ кој победи на конкурсот организиран од издавачката куќа „Арс Ламина“.
На настанот ќе биде промовиран и наградениот роман и ќе го претстават Иван Додовски (професор, писател, книжевен и театарски критичар) и Бисера Бендевска (уредничка во „Арс Ламина“), кои беа дел од жири-комисијата.
На седмиот конкурс за наградата „Пегаз“, која „Арс Ламина“ ја доделува во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, пристигнале 45 ракописи. За победникот одлучувало тричлено стручно жири во кое, покрај Додовски и Бендевска, членувала и професорката Соња Стојменска-Елзесер.
Во најтесниот избор биле разгледани и романите: „Пацер“ од Коста Бојчески, „Изгубени низ дупки во џебовите“ од Ники Борас и „Солдат 1882“ од Добре Тодоровски.
-„Кривата Дијана“ (со поднаслов „Роман за верижната вина“) е проза на актуелниот момент, кој трае повеќе од три децении во мерливо време, а многу подолго кога се мери со кантарот на погрешните постапки на секој член на заедницата. Ова е четиво за колективната несреќа што ја перпетуира верижната вина на секој од нас кој премолчел, потклекнал и превидел кога требало да се испречи пред туѓите човекови слабости. Како понорница што ги пробива тромбовите во темната земја, така нараторот нè носи низ мрачните предели на својата душа, додека лунѕајќи во ноќта се обидува да и се скрие на тагата. И кога нерасчистеното минато по многу години ќе упадне во сегашноста, пред нас се отвора еден свет што не е сосем личен, туку е заеднички, како што е заедничка несреќата на ликовите на Достоевски, кој е неслучајно ехо во овој роман, наведува „Арс Ламина“. хс/лв/
Фото: корица на книгата