Доделено признанието „Македонски квалитет“ за 2025 година
- Резултатите што ги постигнале најдобрите компании се јасен доказ дека македонското стопанство располага со капацитет за конкурентност, иновативност и прогрес, рече претседателката Сиљановска-Давкова.
Скопје, 17 декември 2025 (МИА) - На вкупно 11 компании денеска им беше врачено признанието „Македонски квалитет“ за 2025 година што го доделува Сојузот на стопански комори на Македонија под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Признанието се доделува на домашни компании кои придонесуваат за развојот на македонската економија и го афирмираат македонскиот квалитет во земјата и на меѓународно ниво.
Како што истакна Сиљановска - Давкова пред врачувањето на признанието, резултатите што ги постигнале најдобрите компании се јасен доказ дека македонското стопанство располага со капацитет за конкурентност, иновативност и прогрес.
-Тие покажуваат дека во амбиент во кој се негува стабилна и предвидлива бизнис клима, вложен труд и знаење, неминовно прераснуваат во триумф. Нивниот пример сведочи дека доследноста, истрајноста и решителноста да се остане посветен на борбата за повисок квалитет, водат кон поголема продуктивност, кон отворање нови можности и создавање долгорочна перспектива. Овие успеси имаат повеќеслојно значење. Тие не се сведуваат само на висината на остварениот профит, туку подразбираат додадено знаење, иновативност, поттикнување и негување на претприемачкиот дух, како и придонес кон општото добро и благосостојбата Секоја наградена компанија не е само изолиран, уникатен индивидуален успех, туку е темел за идни слични и поголеми успеси и нови дострели, инспирирани и потпрени на претодхните, нагласи претседателката во обраќањето.
Таа потенцира дека наградите не се случаен подарок, туку логична последица на стратегиско размислување и системско вложување во креативен човечки капитал, во современи техники и технологии.
Според претседателот на ССК, Горан Ѓорѓиевски, признанието „Македонски квалитет“ е симбол на високи стандарди, професионалност и визија за одржлив развој на македонското стопанство.
-Во современиот и силно конкурентен свет, квалитетот повеќе не е извор, туку неопходност. Значи доверба кај потрошувачите, стабилност на компаниите и долгорочна конкурентност на националната економија. Компаниите што денеска ги добиваат наградите се пример како преку континуирано унапредување, иноваци и вложување во човечкиот капитал може да се создаде додадена вредност и позитивно влијание врз општеството. ССК останува силен поддржувач на сите иницијативи кои го поттикнуваат квалитетот, примената на меѓународните стандарди, дигитализацијата и зелената транзиција. Нашата цел е да создадеме поволна деловна клима во која македонските компании ќе можат успешно да се развиваат, да извеузват и рамноправно да се натпреваруваат на регионалните и глобалните пазари, истакна Ѓорѓиевски.
Комерцијална банка, Пекабеско, Малики груп, Кабтел ДООЕЛ Скопје, Голден Арт, Еко логистик сервис - Скопје, ЛТХ Леарница ДООЕЛ Охрид, Велидент Трејд, Дамипак Дооел од Пробиштип, НЕТАМ ДОО и Боми-10 Логистик се комапниите што го добија признанието „Македонски квалитет“ за 2025 година. мч/вг/
фото: МИА