• четврток, 19 јуни 2025

Доделени признанијата за најхумани медицински сестри во Делчево

Доделени признанијата за најхумани медицински сестри во Делчево

Делчево, 12 мај 2025 (МИА) - Делчевското Здружение на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри денеска ги додели признанијата за најхумани медицински сестри.

Како што истакна претставникот на здружението Сузана Пановска, награди за најхумана медицинска сестра годинава беа доделени во јавниот и приватниот сектор. 

- Ние како здружение на локално ниво ја одржуваме традиција да избереме најхумана медицинска сестра. Оваа година се договоривме покрај јавниот сектор да избереме најхумана сестра и од приватниот сектор. Од Јавниот сектор тоа е Билјана Димитровска, а од приватниот сектор Марија Калаџиска. Посебна пофалница доделивме на Горица Ристовска, која прерано заминува во пензија, истакна Пановска.

За Билјана Димитровска, медицинска сестра вработена во Итната медицинска помош во Делчево, чест и гордост е да бидеш хуман и да спасуваш човечки животи.

-Чест и гордост е да бидеш медицинска сестра, да бидеш хуман и да помагаш и да спасуваш животи. Доколку на улица спасиш живот си човек со добро срце. Доколку неколку пати спасиш живот, тогаш си човек со срце и душа. Но, кога тоа го работиш секојдневно, тогаш си медицинска сестра. Чест и гордост ми е да бидам медицинска сестра и да бидам сестра во очите на пациентите, што како пациент би посакала да биде сестрата како мене, истакна Димитровска.

Медицинската сестра Марија Калаџиска истакна дека оваа награда не ја гледа како свое лично достигнување, туку како признание за сите медицински сестри.

-Од се срце ви благодарам за ова признание. Да се биде медицинска сестра е повик, а не само професија, повик да подадеш рака и да бидеш утеха онаму кога е потребно. Денес е ден за секоја сестра која секој ден работи, со срце, со грижа и пожртвуваност. Посветена сум на оваа професија со љубов и благодарност и верувам дека вистинската хуманост се гледа во малите гестови, во насмевката трпението и вниманието кон секој пациент, додаде Калаџиска.

Поради трагичниит настан во Кочани од делчевското здружение информираа дека годинашната свечена академија за одбележување на Светскиот ден на медицинските сестри е откажана. вс/мд/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан