ДКСК: Службени возила во МЖСПП не се употребувале според Правилникот
- Службените возила во Министерството за животна средина и просторно планирање не се употребувале согласно со Правилникот за користење службени возила, утврдила Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).
Скопје, 14 февруари 2023 (МИА) – Службени возила во Министерството за животна средина и просторно планирање не се употребувале согласно со Правилникот за користење службени возила, утврдила Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).
На денешната, 82-ра седница, од ДКСК посочија дека по пријава од познат подносител од МЖСПП, во врска со „недомаќинско работење“ при користењето на службените возила, побарале од министерството да се изготви внатрешна ревизија, при што било утврдено дека не биле во можност да констатираат дали возилата се употребени согласно со Правилникот за користење на службените возила.
- Во извештајот се наведува дека не биле во можност да констатираат дали колите се употребени согласно со Правилникот за користење на службени возила во министерството и не можеле да констатираат дека налозите за патување се правилно употребени, информираше антикорупционерот Шемши Салаи, кој додаде дека „сите овие возила и другите ресурси што ги имаат на располагање во ова министерство се недомаќински искористени“.
Салаи информираше дека Комисијата ќе достави предлог до вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, за, како што рече „да се преиспита работата“.
- Со оглед на тоа што не може да се утврди одговорност бидејќи министерот не е повеќе министер, овој предлог ќе го доставиме со цел да имаат сознание за начинот на кој се управува со средствата од граѓаните на Република Северна Македонија, рече тој.
На почетокот на седницата, ДКСК ги изгласа Правилникот за формата и содржината на образецот за податоци на избрани и именувани лица, како и Правилникот за содржината, формата и начинот на водење на Регистарот на избрани и именувани лица и одлучи да се објават во Службен весник.
Седницата продолжи со постапување по други предмети. ар/лв/