• четврток, 21 ноември 2024

ДКСК покрена иницијатива за утврдување одговорност за директорката и Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители

ДКСК покрена иницијатива за утврдување одговорност за директорката и Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители

Скопје, 23 мај 2024 (МИА) - Антикорупциската комисија денеска информира дека покренува иницијатива до сите надлежни институции за утврдување на одговорност за директорката и Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители поради прекршување на Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, како и на Изборниот законик.

- Надлежните институции имаат рок од 60 дена да ја разгледаат и да постапат по оваа иницијатива. Потсетуваме дека ДКСК отвори предмет за вработувањата во Академијата за судии и јавни обвинители, за време на изборите, за што утврдивме дека е спротивно на законите, а тоа практично го потврдија и Управниот и Вишиот Управен суд, кои ја отфрлија жалбата на Академијата за судии и јавни обвинители, се наведува во соопштението од ДКСК.

Од Антикорупциска сметаат дека и оваа иницијатива е целосно оправдана и дека
надлежните институции ќе постапат соодветно и во предвидениот рок.

ДКСК на 19 април донесе одлука со која ѝ предложи на Академијата за судии и јавни обвинители да ја стави во мирување постапката за прием на 130 слушатели до завршување на изборите. Одлуката е донесена со четири гласа „за“ и еден „против“ и за неа е дозволена тужба во рок од 24 часа.

ДКСК ја донесе ваквата одлука по доставен приговор од кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска-Давкова дека Академијата за судии и јавни обвинители спротивно на Изборниот законик заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители.

По уважувањето на тужбата на АСЈО од страна на Управниот суд, приговорот беше вратен во ДКСК на повторно постапување. бак/фф/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан