• среда, 05 март 2025

Директорот на ЦИА потврди дека Трамп ја прекинал разузнавачката помош за Украина

Директорот на ЦИА потврди дека Трамп ја прекинал разузнавачката помош за Украина

Вашингтон, 5 март 2025 (МИА) – Директорот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) Џон Ретклиф денеска потврди дека американскиот претседател Доналд Трамп наредил да се прекине разузнавачката и воената помош за Украина.

Тој за Фокс Бизнис Њуз изјави дека Трамп бил во право кога прашал дали украинскиот претседател Володимир Зеленски е посветен на мировниот процес, „поради што рече да направиме пауза“.

Ретклиф изрази надеж дека паузата наскоро ќе биде укината и ја истакна својата посветеност да работи со Украина за постигнување мир, по писмото на украинскиот претседател до Трамп, пренесува Си-Ен-Ен.

- И мислам дека ќе работиме рамо до рамо со Украина бидејќи треба да ја истераме агресијата што е таму, да го ставиме светот на подобро место за да можат овие мировни преговори да тргнат напред, рече тој.

Тој објасни дека САД веќе ја ограничиле размената на разузнавачки информации, вклучително и спроведувањето на помал број разузнавачки, надзорни и извидувачки летови кои би можеле да влијаат на офанзивните и одбранбените операции, вклучително и противвоздушната одбрана, бидејќи Украина зависи од американски разузнавачки податоци за надзор.

Претходно денеска, Фајненшл тајмс, повикувајќи се на извори, јави дека САД го прекинале споделувањето разузнавачки информации со Киев. Во исто време, Дејли Мејл објави дека Вашингтон и забранил на Велика Британија да споделува американски разузнавачки информации со Украина и дека забраната се однесува на британската разузнавачка служба GCHQ, шпионските агенции и разузнавачките ограноци на Министерството за одбрана на Велика Британија.

Според Дејли Мејл, на овие агенции им е забрането да споделуваат разузнавачки информации генерирани од САД, претходно познати како „Rel UKR“, што значи дозволено да се споделуваат со Украина (Releasable to Ukraine). јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан