• недела, 22 декември 2024

Пандов најави средба со директорот на затворот „Идризово“, ќе разговараат за увидените недостатоци

Пандов најави средба со директорот на затворот „Идризово“, ќе разговараат за увидените недостатоци

Скопје, 24 јули 2024 (МИА) – Следната недела ќе се сретнеме со директорот на затворот „Идризово“, Зоран Јовановски, да разговараме за увидените недостатоци и проблеми со кои се соочуваат, изјави директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов.

Во изјава за МИА по денешната посета на затворот „Идризово“, Пандов информираше дека помеѓу предизвиците кои ќе бидат тема на разговор на претстојната средба со директорот на затворот, ќе бидат најавениот видео надзор со сензори за движење, пуштање во употреба на старите згради со кои ќе се растерети амбулантата, како и започнување на останатите фази на изградба.

- Бев информиран дека имаме таму неколку згради кои се од стариот затвор и ќе бидат пуштени во употреба со што поголем дел од луѓето сместени во амбулантно одделение ќе бидат префрлени во петтото одделение. Амбулантата ќе биде растеретена и тензиите ќе бидат намалени. Интензивно работам на тоа во текот на наредната година да започнат и другите две фази од изградба на затворот „Идризово“, рече Пандов.

Дополни дека се договориле во скоро време да се состане кризниот штаб и да се договорат за сите конкретни чекори што треба да се преземат и безбедносни прашања да се решат.

Пандов рече дека при увидот констатирале дека имаат недостаток на голем број персонал, почнувајќи од затворски полицајци до луѓе кои работат во секторот на ресоцијализација. Спомена и дека разговарале за искористување на земјиштето од затворот.

- Самиот затвор има сто хектари земјиште. Има експериментални програми во Министерството за земјоделство, да пробаме да добиеме некои семиња, расади, дел од тоа да го ставиме во функција кој во делот на економија би помогнало на самиот затвор. Многу поважно е тоа што затворениците во текот на денот ќе имаат работна обврска, рече Пандов.

Пандов информираше дека не правеле проверка за бројот на затвореници, но биле информирани дека затворениците се на број и се прават редовни проверки.  

- Се изненадив од големината на целиот комплекс, бев во отвореното и полуотвореното одделение кои што се релативно нови и по она што досега како слики сум го гледал, ова изгледаше далеку од тоа, чисти и нови објекти. Го посетив и женското одделение, интервентниот блок, а не бев само во затворениот дел и амбулантата, појасни тој.

Посетата на „Идризово“ следува по вонредниот надзор во Затворот „Скопје“ каде што, како што тогаш информираше Пандов, е констатирано дека списокот со затвореници што го добиле од полицијата не кореспондирала со фактичката состојба која ја затекнале.

По констатираните неправилности од Управата за извршување на санкции во работењето на КПУ Затвор „Скопје“ Владата денеска донесе одлука со која беше разрешен директорот на затворот, Филип Андов. На негово место е назначен Бобан Утковски за в.д. директор.

Владата на денешната редовна седница донесе повеќе одлуки и решенија и на предлог на директорот на Управата за извршување на санкции именуваше повеќе директори. ар/цр
Фото:МИА архива 

Остани поврзан