• недела, 22 декември 2024

Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски ги посети компаниите во ТИРЗ Тетово, „Леар“ и „Киел“

Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски ги посети компаниите во ТИРЗ Тетово, „Леар“ и „Киел“

Скопје, 30 август 2024

Денешната посета во технолошко индустриската развојна зона Тетово од страна на директорот Гоце Димовски, ги опфати двете компании кои работат во зоната, Леар и Киел, каде беа разгледани тековните активности, како и плановите за идниот развој.

„Нашата мисија е да продолжиме со иновациите испорачувајќи производи со највисок квалитет, а со тоа и да ја зајакнеме нашата позиција на глобалниот пазар. Преку континуирано вложување во истражување, развој и технолошки напредок, ја оправдуваме  нашата позиција како водечки снабдувач на врвни производи.“ – истакна генералниот директор на Леар, Вања Стојановски

Инаку, Леар е еден од водечките глобални добавувачи на автомобилски седишта и системи за електрична дистрибуција. Леар го опслужува секој поголем производител на автомобили во светот, а производите на Леар може да се најдат на повеќе од 300 називи на возила.

Воедно, за време на посетата беа разгледани и можностите за проширување на производствените капацитети и воведување нови технологии, кои ќе придонесат за зголемување на продуктивноста и квалитетот на производите.

Директорот Гоце Димовски, изрази задоволство при посетите и ја истакна важноста на ваквите инвестиции за економскиот раст на Македонија.

„Овие компании не само што придонесуваат за нашата економија, туку и ја зајакнуваат нашата позиција како дестинација за странски инвестиции. Успешноста на компаниите е клучна, и затоа сме посветени на создавање на услови кои ќе им овозможат континуиран раст и развој.“ – изјави Димовски.

„Ова е нашиот втор производствен погон во Македонија кој официјално започна со работа пред околу два месеци. Самата оваа инвестиција сведочи за нашата доверба во условите кои ги нуди оваа држава за инвеститорите, како и за нашата долгорочна посветеност кон нејзиниот економски развој. Со отворањето на овој погон, не само што го зголемивме производството и бројот на производствените операции, туку и ја зацврстивме соработката со Македонија, гледајќи ја како партнер на долг рок во остварувањето на нашите глобални цели.“ – истакна извршниот директор на Киел, Владимир Стефановски.

Киел Македонија е водечки производител на седишта за возови и автобуси. Во новиот производствен погон во Тетово, кој се простира на површина од 7500 метри квадратни, планирано е отворање на 300 нови работни места во полошкиот регион.

Овие посети ја докажуваат посветеноста на ТИРЗ на новиот концепт за директен дијалог со компаниите, со цел подобро да се разберат нивните потреби и предизвици. Овие средби ќе продолжат и во наредниот период, со фокус на различни компании кои работат во рамките на ТИРЗ.

ТИРЗ

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан