Директорот на БЈБ Јанев: Безбедноста на граѓаните е наш приоритет
- Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев заедно со својот тим, денеска, беше во работна посета на Единицата за интервентна полиција, ЕВР и ПС Ѓорче Петров и ЕВР и ПС Карпош при СВР Скопје, за да се информира за состојбата и функционирањето.
Скопје, 16 ноември 2024 (МИА) - Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев заедно со својот тим, денеска, беше во работна посета на Единицата за интервентна полиција, ЕВР и ПС Ѓорче Петров и ЕВР и ПС Карпош при СВР Скопје, за да се информира за состојбата и функционирањето.
Како што соопштија од МВР, при посетите на одржаните работни состаноци со раководствата директорот Јанев се информирал за тековните активности на овие служби, нивните проблеми, потреби како и предизвиците со кои се соочуваат во текот на нивното секојдневно работење.
-На припадниците на Интервентната полиција им изрази посебна благодарност за нивните досегашни решителни и храбри интервенции во критични и ризични ситуации и ги охрабри силно да продолжат со нивната пожртвувана и посветена работа во превенирање на ризици, брзи, ефикасни и професионални акции со цел намалување на криминалот и осигурување на мирот и безбедноста на граѓаните во градот Скопје. Покрај ова на сите колеги со кои денес се сретна директорот Јанев им порача да работат со силен интегритет, почит и достоинство, се наведува во соопштението.
Воедно, се најавува дека во иднина ваквите посети ќе станат редовна пракса за увид во работењето и функционирање на сите служби кои се под надлежност на Бирото за јавна безбедност.
- Целта на овие посети и средби е подобрување на условите за работа и создавање на функционална полиција која ќе биде во служба на граѓаните и спроведување на законот кој еднакво важи за сите. Безбедноста на граѓаните е наш приоритет. Исклучиво важно е сите полициски службеници да се водат од правилото дека полицијата служи, а не владее, стои во соопштението од МВР. вг/нд/
Фото: МВР