• сабота, 09 ноември 2024

Димовски: Радикализација на активностите од септември ако нема покачување на платите

Димовски: Радикализација на активностите од септември ако нема покачување на платите
Скопје, 11 август 2022 (МИА) - Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Дарко Димовски најави радикализирање на штрајкот од септември, доколку Владата не ги исполни нивните барања, а тоа е со покачување на минималната плата за 18,4 проценти, да се усогласат сите останати плати. -Согласно Законот за минимална плата и новата методологија, со порастот на минималната плата треба да се усогласат и сите останати плати. Значи, минималната плата се зголемила за 18,4 проценти и во тоа законско решение се вели дека во рок од шест месеци мора да се усогласат и останатите плати. Но, видовме дека тоа не се случи, рече Димовски во денешното гостување на ТВ Сител. Тој посочи дека уште е во тек штрајкот во јавниот сектор, а радикализирање ќе има во септември, бидејќи според Владата, законот им овозможува до септември да ги усогласат платите. -Како социјални партнери, на 1 мај последен пат остваривме средба со владини претставници, каде што ни беше ветено дека Владата ќе излезе во пресрет и ќе даде по 2.860 денари со ребалансот на буџетот. Видовме во ребалансот на Буџетот, министерот за финансии Бесими тоа го нема предвидено туку почнаа од ракав да се делат некакви покачувања. Затоа, ние од септември ќе радикализираме доколку не се случи ова покачување, рече Димовски. Тој најави дека од септември ќе ги повикаат сите работници без разлика дали од приватниот или од јавниот сектор да излезат на улица. -Ги повикуваме сите работници на улица, за да може најпрвин да егзистираме, да опстанеме, бидејќи како што вели Владата, од септември не знаеме што ќе се случи поради најавената нова енергетска криза, се најавуваат штедења, уште поголема инфлација, додаде претседателот на ССМ. Во моментов, како што информираше, штрајкот се води во јавниот сектор, се штрајкува и се добива на локално ниво и во јавните комунални претпријатија. Утре, како што рече, ќе бидат во Прилеп каде што ќе потпишат покачување за 18 проценти во едно општинско јавно комунално претпријатие. -Во септември треба да земеме сите покачување за 18,4 проценти, зборувам и за јавниот и за приватниот сектор, бидејќи Законот е ист за сите, додаде Димовски. Во однос на даночните реформи, тој смета дека сега воопшто не е време за даночни реформи. -После 1 мај, од кога исчезна социјалниот дијалог, ние преку медиумите и преку она што го презентираше министерот Бесими разбравме дека се зборувало за прогресивен, но мене ова повеќе ми личи на регресивен данок бидејќи истиот повеќе ги зафаќа сиромашните отколку богатите. Преку тој данок, пониските примања на плати од нивниот профит ќе бидат повеќе оданочени, додаде Димовски. Посочи дека Сојуз на синдикати на Македонија ќе му предложи на министерот за финансии Фатмир Бесими да го оданочи профитот на банките, со 33 отсто данок а не, како што истакна, да ги чепка работниците, пензионерите и младината. -Не може цело време данокот да паѓа на грбот на работниците и на граѓаните со пониски примања, незначително дали станува збор за плати, пензии или друг вид на примања. Моментно никако не е време за даночни реформи, смета претседателот на ССМ.бт/лв/

Остани поврзан