Димовски: Овој ден е симболот со што се означува непокорот на македонскиот народ
- На сите граѓани на Република Македонија им го честитам празникот 11 Октомври – Денот на народното востание, ден на македонската борба за слобода, еден од најзначните во нашата историја и во создавањето на македонската државност, пишува во денешното соопштение од Социјалистичка партија на Македонија, што МИА го пренесува интегрално.
11 октомври 2025
На сите граѓани на Република Македонија им го честитам празникот 11 Октомври – Денот на народното востание, ден на македонската борба за слобода, еден од најзначните во нашата историја и во создавањето на македонската државност, пишува во денешното соопштение од Социјалистичка партија на Македонија, што МИА го пренесува интегрално.
11-ти Октомври 1941-ва, е денот кога македонскиот народ го направи историскиот чекор, својствен за сите историски големи, правдољубиви и слободарски народи, и ја започна големата Народноослободителната борба за ослободување на Македонија од нацистичкиот и фашистичкиот окупатор.
Овој ден е симболот со кој се означува непокорот на македонскиот народ и неговата непоколеблива борба против суровиот фашизам, борба за народно ослободување и за национална и социјална правда.
Во крвавите години исполнети со многу борби, злосторства, жртви и искушенија, македонските партизански единици не потклекнаа и заедно со слободољубивиот народот на Македонија храбро војуваа кон конечното ослободување.
Македонскиот народ и Народноослободителниот фронт на Македонија се изборија за вториот македонски Илинден, државотворниот АСНОМ, остварувајќи ги идеалите на многу генерации за слобода и сопствена држава.
Горди сме на нашите предци и нашите идеолошки претходници за нивното учество, дадените жртви и големата храброст затоа што без 11 Октомври 1941-та ние нема да го имавме ниту вториот ниту третиот Илинден. Благодарение на 11 Октомвриското востание ние се изборивме и за слободата и за државноста и за независноста.
Длабоко се поклонуваме на нивните жртви, со голема благодарност за нивната одлучност и храброст за извојуваната слобода и поставувањето на темелот на нашата државност.
Затоа денес, токму на овој голем празник, уште еднаш се потсетуваме на заветот кој тие ни го оставија, достојно и гордо да го чуваме, негуваме и почитуваме највредното што го имаме, нашата Македонија!
Нека ни е вечен Денот на народното востание!
Вечна да ни е слободата!
Да живее Република Македонија!
Љупчо Димовски, претседател на СПМ