• четврток, 26 февруари 2026

Димовска - Мражикова: Соработката со Европскиот парламент има јасна цел и опипливи резултати

Димовска - Мражикова: Соработката со Европскиот парламент има јасна цел и опипливи резултати

Скопје, 6 февруари 2026 (МИА) - Генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, оствари средба со раководителката на канцеларијата на Европскиот парламент за Западен Балкан, Татијана Мражикова. Како што информира собраниската прес-служба, Мражикова ја поздрави високата поддршка на граѓаните за членство на државата во Европската Унија и се осврна на значајната улога на известителот во Европскиот парламент, Томас Вајц, кој деновиве е во посета на Република Северна Македонија. Нагласи дека Европскиот парламент преку канцеларијата за Западен Балкан непосредно ги адресира процесите што ги приближуваат земјите аспиранти до Европската Унија. Истакна и дека Европскиот парламент со гордост беше партнер на Собранието во Жан Моне дијалогот, кој донесе опипливи резултати и овозможи активна вклученост и поддршка од сите политички партии при усвојувањето на новиот Деловник на Собранието.

Димовска ги претстави тековните процеси што ги спроведува собраниската служба, вклучително и стратегијата за дигитализација на Собранието 2026 - 2028, акцискиот план за унапредување на рамноправноста меѓу жените и мажите 2025 - 2027, измените и организацијата на работните места, со акцент на новоформираното Одделение за процена на влијанието на регулативата.

Димовска нагласи дека собраниската служба цели кон интензивирање соработка со парламентите на земјите членки на Унијата и од регионот истакнувајќи го институционализирањето на таквата соработка и се заблагодари за постојаната и силна поддршка на Европскиот парламент за македонскиот евроинтегративен пат, која, како што рече, се рефлектира и преку отворањето канцеларија на Европскиот парламент за Западен Балкан минатата година.

Соговорничките се согласија дека соработката на ниво на службеници ќе се интензивира во периодот што следува преку соработка на разни форуми во сите сфери од интерес. мч/са/

фото: Собрание на РСМ

Остани поврзан