Димовска во посета на Големото национално собрание на Туркије
- Генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, денеска и утре претстојува во работна посета на Големото национално собрание на Туркије, во придружба на заменик-генерален секретар Ибуш Јусуфи и претставници од секторите за меѓународна соработка и за протоколарни работи.
Скопје, 14 ноември 2025 (МИА) - Генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, денеска и утре претстојува во работна посета на Големото национално собрание на Туркије, во придружба на заменик-генерален секретар Ибуш Јусуфи и претставници од секторите за меѓународна соработка и за протоколарни работи.
На средбата со својот домаќин, генералниот секретар на Големото национално собрание на Туркије, Хусеин Куршат Кирбијик, генералната секретарка Марина Димовска изрази благодарност за поканата и топлото гостопримство, а посетата ја оцени како потврда на заедничката заложба за унапредување на соработката меѓу парламентите на двете пријателски земји.
Како што информираат од Собраниската прес-служба, беше истакнато дека Северна Македонија и Туркије ги поврзуваат традиционално блиски и пријателски односи, засновани на доверба, почит и долгорочна соработка. Димовска се заблагодари за континуираната поддршка што Туркије ѝ ја дава на нашата држава, вклучително и во рамките на меѓународните форуми.

Разговорите беа посветени на унапредување на соработката меѓу службите на двете собранија, особено во областите на меѓународната соработка, протоколот, дигитализацијата и поддршката на законодавниот процес. Генералната секретарка предложи размена на искуства за координацијата на меѓународните активности, подготовката на парламентарните делегации, како и организацијата на официјални посети и меѓународни конференции, имајќи предвид дека Големото национално собрание на Туркије во наредниот период ќе биде домаќин на повеќе значајни парламентарни настани, меѓу кои и 152. Собрание на Интерпарламентарната унија. Димовска и Кирбијик се согласија дека ова може да се реализира преку студиски престои, обуки и размена на службеници.
Посебно внимание беше посветено на дигитализацијата и можностите за размена на добри практики, имајќи предвид дека Собранието неодамна ја усвои „Стратегијата за дигитализација 2026–2028“, насочена кон модернизација на работните процеси и унапредување на транспарентноста.
Генералната секретарка Димовска изрази задоволство од континуираната и плодна меѓупарламентарна соработка и го покани генералниот секретар Кирбијик во возвратна посета на нашата земја, со цел продолжување на успешната комуникација и зацврстување на партнерството меѓу двата парламента.
Во рамките на посетата, генералната секретарка и членовите на собраниската делегација остварија средба со раководителите на секторите за надворешни односи и протокол, за закони и одлуки, за информатичка технологија и за записници на Големото национално собрание на Туркије, кои информираа за делокругот на работа на овие сектори. На средбата беа разменети искуства за функционирањето на парламентарните служби и разгледани можностите за плодна и посистематска институционална соработка меѓу двете собранија во иднина.вј/
Фото: Собрание