• понеделник, 23 декември 2024

Димитров: Јавно барав да се истражи лажната вест за оставка, и е поднесено барање до ЈО

Димитров: Јавно барав да се истражи лажната вест за оставка, и е поднесено барање до ЈО
Скопје, 21 февруари 2020 (МИА) - Министерот за надворешни работи Никола Димитров на својот профил на Фејсбук објави дека за лажната вест за наводна оставка ден по Референдумот, не само што јавно повикал да се истражи случајот и да се лоцира одговорност, туку тоа било направено и преку официјално барање до Јавното Обвинителство, уште следниот ден на 2 октомври 2018 година. Димитров преку Фејсбук статусот упатува демант до порталот expres.mk, кој како што наведува министерот за надворешни работи во текстот со наслов „Посебниот случај на Никола Димитров“ објавен на 19.02.2020, медиумот „преку грубо кршење на новинарските стандарди, без да бидам побаран за став, објави ноторна лага за информација што е многу лесно проверлива“.
-Вашиот непотпишан новинар, со малициозно пренесување на мој фејсбук статус, во кој саркастично потсетувам дека ден по Референдумот, се објави лажна вест за моја наводна оставка, со фалсификуван документ, печат и потпис, тврди дека за тој случај јас никогаш не сум побарал истрага. Вистината е дека јас не само што јавно повикав да се истражи случајот и да се лоцира одговорност, туку тоа беше направено и преку официјално барање до Јавното Обвинителство, уште следниот ден, веднаш по објавувањето на фалсификатот, на 02.10.2018 година. Овој податок е јавен и е лесно проверлив, и навистина изненадува непрофесионалноста што пред да се објави текстот, редакцијата не се обратила ниту до мене, а очигледно ниту до Обвинителството, пишува Димитров. Во текстот, кој како што наведува, патем скандалозно ги дели медиумите на такви кои се „блиски до СДСМ“ и оние кои тоа не се, понатаму се повикува на статус од социјалните мрежи, „што ме споредува со Коте од Руља“. -Кога ме споредувате мене со Коте, ги изедначувате ЕУ и НАТО со Каравангелис. Појасен (и можеби фројдовски) израз на определбата на авторите на овие споредби за македонската евроатланска интеграција не може да се замисли, посочува Димитров, кој бара од порталот во согласност со медиумските начела и основното право на „втората страна“ да биде консултирана, а особено во насока на вистинско информирање на граѓаните, наместо пласирање на неточни информации, да го објави демантот во целост. ев/цр

Остани поврзан