• среда, 14 јануари 2026

Димитриеска Кочоска: Успешната аукција за 10-тата Евробврзница јасен сигнал за довербата на меѓународните инвеститори 

Димитриеска Кочоска: Успешната аукција за 10-тата Евробврзница јасен сигнал за довербата на меѓународните инвеститори 

Скопје, 14 јануари 2026 (МИА) - Каматните услови што ги обезбеди нашата држава се меѓу најповолните во регионот и пошироко, што дополнително ја зацврстува позицијата на државата како стабилен, кредибилен и конкурентен издавач на меѓународните финансиски пазари, оцени на прес-конференција министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска откога вчера беше реализирана аукцијата за издавање на 10-тата еврообврзница. 

Според Димитриеска-Кочоска, при носењето на оваа одлука водечко начело била одговорноста кон тековната фискална состојба и кон идните генерации. Нашата цел, посочи, не е само редовно сервисирање на обврските, туку создавање одржлива и стабилна фискална рамка, со помал притисок од отплати и со повеќе простор за суштински реформи.

Успешната аукција, рече министерката, претставува значаен чекор во управувањето со јавните финансии и јасен сигнал за довербата на меѓународните инвеститори во економските политики на Владата. - Врз основа на детаљна и навремена анализа на состојбите на меѓународните финансиски пазари, Министерството донесе одлука задолжувањето да се реализира преку две транши по 500 милиони евра, со рок на достасување од 4 и од 8 години. Ваквата структура овозможува оптимално распоредување на обврските во среден и долг рок, како и дополнително намалување на ризиците поврзани со рефинансирање - рече Димитриеска-Кочоска. 

Според неа, како резултат на побарувачката и внимателно избраниот момент за излез на пазарите, кај двете транши од еврообврзницата е постигната најтесна каматна маргина во однос на референтниот ЕУРИБОР во споредба со сите државни издавања во изминатите дваесет години

- Каматните стапки што ги постигнавме се меѓу најповолните во однос на референтната вредност на ЕУРИБОР во последните дваесет години. За траншата со рок од 4 години каматата изнесува 3,875 проценти, а за траншата со рок од 8 години - 4,75 проценти. Особено имајќи го предвид актуелното високо ниво на ЕУРИБОР, овие услови претставуваат најконкурентна цена на задолжување што државата ја има постигнато во последните две децении - рече Димитриеска-Кочоска.

Особено значајно, посочи таа, е што успеавме да пласираме осумгодишна еврообврзница - достасување што последен пат беше постигнато пред повеќе од дваесет години. Ова претставува силен сигнал за довербата на меѓународните инвеститори во економските политики, реформската агенда и стабилноста на земјата, рече Димитриеска-Кочоска. 

Таа наведе дека трошоците за синдикатот на банки и за правните советници се пропорционално најниски досега во споредба со претходните издавања. Дополнително, со цел целиот процес да биде максимално исплатлив и со најмали можни фискални оптоварувања, донесена е одлука паралелно со новата емисија да реализираме и предвремен откуп на еврообврзницата што достасува во јуни 2026 година. Со оваа одлука ќе оствариме заштеди, кои во значителен дел ќе ги компензираат трошоците од новото издавање. 

- Со средствата обезбедени преку оваа еврообврзница, предвидена во буџетот за 2026 година, ќе се изврши навремена исплата на еврообврзницата издадена во 2020 година во износ од 700 милиони евра, а другите средства ќе бидат насочени кон финансирање на буџетскиот дефицит и реализација на развојни проекти од суштинско значење за економскиот раст - рече Димитриеска-Кочоска. 

Потсети дека издавањето на оваа еврообврзница е целосно проектирано и планирано во буџетот за 2026 година, како и во ревидираната стратегија за управување со јавниот долг. Тоа значи дека иако номиналниот износ на задолжувањето изнесува една милијарда евра, во текот на 2026 година Министерството за финансии ќе изврши исплата на обврски по основ на надворешен долг во вкупен износ од речиси 893 милиони евра. Со тоа, истакна министерката, нето-ефектот врз јавниот долг е значително понизок и во целост усогласен со среднорочната фискална рамка. 

Во 2026 година вкупните обврски за отплата на домашниот и на меѓународниот пазар изнесуваат речиси 1,563 милијарда евра, во 2027 година 1,579 милијарда евра, во 2028 година 1,971 милијарда евра, во 2029 година 1,304 милијарда евра, а во 2030 година 1,414 милијарда евра или вкупно за пет години 8,804 милјарди евра. Токму затоа, потенцира Димитриеска-Кочоска, ова издавање има јасна улога во рамномерно распределување на достасувањата и во намалување на ризиците поврзани со концентрација на отплати во поединечни години. лв/вј/

фото: принтскрин 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан