Димитриевски: Државниот грб ги задоволува сите потреби и ја отсликува реалноста на македонскиот народ и држава
- Претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски смета дека државниот грб во моментов ги задоволува сите потреби и од историски континуитет и од географски континуитет и „ја отсликува реалноста на македонскиот народ и македонската држава“.

Скопје, 17 февруари 2025 (МИА) – Претседателот на ЗНАМ Максим Димитриевски смета дека државниот грб во моментов ги задоволува сите потреби и од историски континуитет и од географски континуитет и „ја отсликува реалноста на македонскиот народ и македонската држава“.
Лидерот на третиот партнер во владината коалиција, ЗНАМ, смета дека ако веќе разговараме за промени на грбот или на државните обележја „ќе се отвори една голема дискусија, една голема тема“.
-Сите тие симболи нам нѝ значат, вклучувајќи го и лавот и сонцето од Кутлеш, коешто за жал согласно Преспанскиот договор повеќе не е составен дел од таа иконографија, но, како и да е – исто така е и петокраката. Ќе отвориме дискусија, па ќе видиме. Не сакам да отфрлам ништо од самиот почеток, изјави Димитриевски.
ЗНАМ, посочи Димитриевски, сметаат дека не треба да се дозволи од државните обележја да имаме дополнително наметнување на политиката и партизација.
Димитриевски денеска во Скопје, присуствуваше на четвртата јавна дебата за измени на Законот за локална самоуправа. аа/мд/
Фото: МИА архива