• петок, 27 декември 2024

ДИК не го прифати приговорот за гласањето во Липково

ДИК не го прифати приговорот за гласањето во Липково

Скопје, 29 април 2024 (МИА) - Државната изборна комисија (ДИК) денеска на седница одлучи да не го прифати приговорот за гласањето на првиот круг од претседателските избори на 24 април на коалицијата Вреди за гласачкото место 1112/1 во Општина Липково.

На предлог на членот на ДИК, Абдуш Демири беше отворен доверливиот избирачкиот материјал од ова избирачко место и притоа, како што кажа, недостасуваат две гласачки ливчиња и затоа побара гласањето на ова избирачко место да се поништи и да се разреши Избирачкиот одбор. 

Потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху рече дека гласањето се поништува само ако има поголем број ливчиња во гласачката кутија, што не беше така. 

Членовите на ДИК гласаа и предлогот на Демири не беше прифатен, а тој најави дека за ова гласачко место ќе има одвоено мислење. 

На седницата на ДИК беа прифатени и барања за дополнителни акредитации за вториот круг од претседателските и парламентарните избори на 8 мај. 

Членот на ДИК Борис Кондарко потсети дека утре, 30 април, на полноќ завршува рокот за пријавување на болни и немоќни лица за парламентарните избори на 8 мај, со доставување на соодветна медицинска документација до Општинските изборни комисии. Исто така тој нагласи дека прифатените барања на болните и немоќни лица за гласање на претседателските избори на 24 април се важечки за вториот круг од претседателските избори. ев/нд/

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан