• петок, 22 ноември 2024

ДИК како ненадлежна одби пет барања поднесени од МТСП и МВР за донесување одлуки согласно член 48 став 1 од Законот за Влада

ДИК како ненадлежна одби пет барања поднесени од МТСП и МВР за донесување одлуки согласно член 48 став 1 од Законот за Влада

Скопје, 16 февруари 2024 (МИА) – Државната изборна комисија (ДИК) во рамките на 81-та седница едногласно како ненадлежна и како недозволено во оваа фаза одби пет барања за донесување на одлуки согласно член 48 став 1 од Законот за Влада. Првите четири одбиени барања беа поднесени од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) вчера, а петтото од Министерството за внатрешни работи, но тоа беше разгледано во точката разно.

За првите четири барања членот на ДИК Борис Кондарко истакна дека се поднесени по исти основи и имаат слична содржина и додаде дека ДИК не е надлежна да одлучува по нив.

-Сметам дека ние не сме надлежни да одлучуваме во ваков случај. Согласно Изборниот законик како ДИК имаме овластувања во ситуација кога има несогласување помеѓу министерот и дополнителниот заемник министер. Иако по тој основ се поднесени барањата сепак содржината е малку поинаква. Таму во прашална форма бараат да одговориме на некои однапред претпоставени хипотетички ситуации кои навлегуваат во интерното работење на институцијата – дали да се потпишуваат договори за дело, дали вработените да членуваат во некои комисии, така што суштината на нашата одлука треба да биде да се одбие  ова барање бидејќи сме ненадлежни, додека образложението е дека ние согласно закон, а ретко и некоја друга институција е овластена да дава мислења. Ние по Законот за Влада по член 48 не даваме мислења, особено не на претпоставени и хипотетички ситуации, рече Кондарко.

Нагласи дека е беспредметно да се одлучува од страна на ДИК затоа што се распишани изборите и како Државна изборна комисија кога се распишани избори не сме надлежни за примената на членот 8А од Изборниот законик.

И членот на ДИК Бобан Стојаноски се согласи дека ДИК на еден начин е ненадлежна за четирите барања доставени од МТСП, но укажа дека на претходните седници за некои слични барања ДИК донел одлука со која, како што кажа, дел ги прогласиле дека не се однесуваат на кадровски прашања поврзани со изборите.  

-Со оглед на тоа дека тука има и прашања кои се однесуваат на редовното работење на институцијата треба да се впуштиме во едно екстензивно толкување, односно немајќи докази и конкретно несогласување помеѓу министерот и дополнителниот заменик министер во натамошното работење треба да го имаат во обѕир министрите и дополнителните заемници министри дека веќе се распишани изборите и дека прашањата во однос на вработувања и прекин на работен однос се регулирани со членот 8А од Изборниот законик за што исклучива надлежност има Државната комисија за спречување на корупција. Оттаму ние немаме никаква надлежност да даваме мислења или да се впуштаме во толкување на закон бидејќи за тоа единствено е надлежно Собранието, рече Стојаноски.  

Токму Бобан Стојаноски во точката разно појасни дека од  МВР до ДИК е поднесено барање да ги известат дали за претстојниот период министерот за внатрешни работи може да врши хоризонтално распоредување на вработените кои се на негов предлог до бројката од 10 отсто од бројот на хоризонтални распоредувања базирани на просекот на овие распоредувања во 2013 и 2014 година согласно член 44 став 4 од Законот за Влада.

-Во однос на ова барање сметам дека ние не може да одлучуваме согласно член 48 став 1,  бидејќи тука нема несогласување помеѓу министерот и дополнителниот заменик министер. Треба да доставиме одговор дека во барањето станува збор за јасно наведени обврски на министерот за внатрешни работи конкретно наведени во член 44 став 4 од Законот за Влада, каде  се вели дека министерот за внатрешни работи може да врши најмногу 15 разрешувања или распоредувања на пониско или повисоко место на носители на раководна позиција во МВР. Во согласност со закон, министерот за внатрешни работи може да изврши и хоризонтални распоредувања на вработените кои се на негов предлог во бројката до 10 проценти од бројот на хоризонтални распоредувања базирани на просекот на овие распоредувања во 2013 и 2014 година. Оттаму ДИК е единствено надлежна и должна да постапи во случаите каде има спор меѓу министерот и дополнителниот заменик министер во случај на кадровски, правни и финансиски прашања кои се поврзани со финансиски прашања, но не и во овој случај кој е ситуација јасно предвидена со Законот за Влада, рече Стојаноски.

Борис Кондарко во процедурална забелешка рече дека се согласува со суштината дека ДИК не се надлежни по Изборниот законик и Законот за Влада да даваат мислења како што се бара со дописот од МВР, но, додаде, ако продолжиме во давање одговор ние практично се изјаснуваме и даваме мислења и цитираме закони и упатуваме иако немаат спор по член 48 став 1 со што тогаш ние сме контрадикторни.

-Треба да одговориме само дека не даваме мислења за вакви прашања, во спротивно секако може да се сфати. Како ќе постапуваат во соодветната институција е одговорност на лицата кои го применуваат законот според нивните овластувања. Мислам дека треба да се задржиме дека не сме овластени да даваме мислења и тоа да биде одговорот. Во спротивно со такво образложение би навлегле во некоја суштина да упатуваме, да се повикуваме на закони да ги цитираме и би создале лоша пракса и би биле контрадикторни и би одговарале на сите, што е нешто што немаме право да го правиме и да и кажуваме на друга институција како да постапува ако немаат спор по член 48 став 1 од Законот за Влада, рече Кондарко.

Во реплика Стојаноски му кажа дека токму тоа и го кажал во образложението.

-Затоа кажав во насока на соработка и кооперативност, а одговорот горе-долу ми беше ист како што и Вие кажавте – за јасно дефинирани прашања кои не се во наша надлежност и согласно член 48 став 1 немаме надлежност да одлучуваме не може да дадеме мислење – истото е, посочи Стојаноски. Ако сакавме да воведеме лоша пракса ќе го подведевме да одлучуваме по него. Токму затоа е во точка разно, а не како точка на дневен ред, рече Стојансоки. вј/са/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан