• понеделник, 23 декември 2024

Дигитален самит на економиите на Западен Балкан - Подгорица 2021

Дигитален самит на економиите на Западен Балкан - Подгорица 2021
Подгорица, 11 октомври 2021 (МИА) - Дигитална економија, дигитални вештини и знаења, дигитална инфраструктура и поврзаност и доверливост и безбедност се четирите главни теми за кои ќе се зборува на Дигиталниот самит на Западен Балкан, што од денеска до 13 октомври се одржува во Подгорица, како дел од Берлинскиот процес и Агендата за заеднички регионален пазар за Западен Балкан. Над 90 говорници, меѓу кои претставници на владите од регионот, Европската комисија, Советот за регионална соработка, бизнис заедницата, дигитални експерти и носители на промени од граѓанскиот сектор ќе зборуваат за дигиталната трансформација на регионот и ќе разменат добри пракси и достигнувања за конкретната примена на дигиталните алатки за создавање подобро општество за сите – од дигитални јавни услуги и е-влада достапни преку смартфоните на граѓаните, дигитализацијата на јавното здравство, дигитална инфраструктура за поголема мобилност, па се до безбедносни сертификати, онлајн идентификација и кибер безбедност. Домаќин на овогодинешниот Дигитален самит на Западен Балкан е Владата на Црна Гора, поддржан од Регионалниот совет за соработка. Првиот Дигитален сами на ЗБ се одржа во Скопје (2018), вториот во Белград (2019) и последниот во Тирана (2020). Самитот се одржува во хибриден формат. На отворањето, виртуелно ќе се обратат генералната секретарка на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу, генералниот директор на Генералниот директорат за комуникација, мрежи, содржини и технологија при ЕК Роберто Виола, регионалниот директор за Европа на СЗО Ханс Клуге, државната секретарка при Федералното министерство за економски работи и енергија на Германија Клаудиа Дор-вос и министерката за јавна администрација, дигитално општество и медиуми на Црна Гора, Тамара Срзентиќ. На вториот ден е планирана специјална сесија на која ќе бидат претставени победничките дигитални решенија од Балкатон 2.0 – регионален натпревар организиран од Регионалниот совет за соработка наменет за младите иноватори, старт-апи и мали и средни претприемачи од регионот на Западен Балкан. На последниот ден е предвиден состанок на високо ниво со претставници на сите шест економии од Западен Балкан - Северна Македонија, Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина со Еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји и генералната секретарка на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу. Целта на Дигиталниот самит на Западен Балкан 2021, како што е најавено, е размена на добри пракси од регионот, поттикнување развој и исполнување на дигиталната агенда, дефинирање на идните правци и истражување на можните партнерства со приватниот сектор во контекст на процесот на дигиталната трансормација. Важноста на Дигиталниот самит на Западен Балкан е потврдена и со четриригодишниот акциски план 2021-2024 за заеднички регионален пазар – Common Regional Market, усвоен на Самитот во Софија 2020 година, кој што предвидува спедифични мерки класифицирани во четири столба - трговија, инвестиции, дигитализација и индустрија и иновативност. Една од највидливите придобивки, што е резултат на претходните Дититални самити на Западен Балкан, е намалувањето на цените на роаминг во регионот, што стапи на сила од 1 јули годинава. Следен чекор, е пониски цени на роаминг меѓу Западен Балкан и Европската Унија и широкопојасен интернет за 95 отсто од домаќинствата до 2024 година. аа/ац/

Остани поврзан