• среда, 18 декември 2024

Дибала останува во Рома

Дибала останува во Рома

Рим, 23 август 2024 (МИА) - Изненадувачки пресврт се случи околу трансферот на Пауло Дибала во саудиски Ал Кадсија. Аргентинецот важеше за сигурно ново засилување на овој клуб, но зделката пропадна во последен момент и тој ќе остане во неговиот сегашен клуб Рома. Веста ја пренесоа речиси сите авторитетни италијански медиуми, меѓу кои и експертот за трансфери Фабрицио Романо.

Дибала во четвртокот наутро се прости од соиграчите и од стручниот штаб на Рома, очекувајќи дека нема да се врати во клупската база. Сепак, се чини дека и во иднина ќе продолжи да го носи дресот на „волците“.

Според различни извештаи, постојат две верзии за неуспехот на трансферот. Првата е што самиот Дибала во последен момент се предомисли и решил да остане во Рома, отфрлајќи ја преголемата сума од 75 милиони евра што му ја нудеа Саудијците. Другата верзија е дека Рома ја отфрлила зделката, бидејќи не била задоволна со тоа што за својата ѕвезда ќе добие само 3-4 милиони евра. 

Дибала имаше откупна клаузула од 12 милиони евра, но таа истече на 31 јули. Неговиот договор е до следното лето, но во него има клаузула за автоматско продолжување доколку одигра најмалку 14 натпревари во текот на кампањата, што е речиси сигурно дека ќе се случи.

Триесет годишниот напаѓач ја објави својата одлука да остане во Рома со видео на социјалните мрежи со порака: „Благодарам Рома! Се гледаме во недела“. дс

Фото: Архива

Остани поврзан