• петок, 22 ноември 2024

Де Кро: Белгија се соочува со безбедносни ризици

Де Кро: Белгија се соочува со безбедносни ризици

Брисел, 27 март 2024 (МИА) - До крајот на 2024 година ќе бидат регрутирани 200 нови полицајци во Брисел, како резултат на зголемената загриженост за безбедносната состојба во главниот град на Белгија по неколкуте престрелки во изминатиов период, најави белгискиот премиер Александар Де Кро. 

- Се соочуваме со безбедносни ризици, изјави Де Кро по денешната седница на Совет за национална безбедност на Белгија. 

Тој соопшти дека Советот решил да го задржи третото ниво на терористичка закана во земјата, најавувајќи спроведување на безбедносни операции во одредени области на Белгија, се цел намалување на ризиците по безбедноста. 

Според белгискиот премиер, властите ќе изработат план за борба против дезинформациите, како и дека ќе воспостават безбеден комуникациски систем помеѓу најзначајните институции во земјата. 

Де Кро посочи и дека Белгија ќе обезбеди дополнителни инвестиции за зајакнување на царинската и кибер безбедноста. 

- Овие инвестиции се неопходни и вродуваат со плод, но ние се уште не ги постигнавме нашите цели, додаде Де Кро. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ваквите најави на Де Кро следуваат откако претходно белгиското Координативно тело за проценка на заканите (ОЦАД) соопшти дека бројот на лица вклучени на неговата листа на терористи кои се предмет на следење, минатата година е намален од 700 на 650, но дека „просечното ниво на закана од овие лица е благо зголемено“.  

Оваа листа на ОЦАД содржи имиња на екстремисти и терористи кои Белгија ги следат со висок приоритет.   

Според директорот на ОЦАД, Герт Веркаутерен лани од листата биле отстранети околу 80 имиња, но биле додадени околу 30 нови. Тој нагласи дека едно лице се отстранува од листата доколку „се утврди дека еволуирало позитивно и не манифестира нови негативни елементи“.  

Веркаутерен истакна дека ова намалување на бројот на имиња на листата главо се должи на „ублажувањето на кризата во Сирија“   

- Ова не значи дека заканата автоматски се намалува. Нашата анализа покажува дека просечната закана од оние на списокот е малку зголемена, додаде Веркаутерен.  

Според податоците на ОЦАД, 88 отсто од лицата на списокот се поврзани со џихадистичката идеологија, девет проценти со десничарскиот екстремизам, а два проценти со левичарскиот екстремизам.  

Најголем број од овие лица или 426 спаѓаат во категоријата „странски терористички борци“, односно станува збор за поединци кои заминале во конфликтните зони за да и се приклучат на некоја терористичка група или имале намера да го сторат тоа.   

Според Веркаутерен, ОЦАД верува дека околу 190 од овие лица повеќе не се живи, па по потврдата на ваквите претпоставки тие ќе бидат отстранети од листата.  

Покрај овие, на листата се наоѓаат и околу 40 „домашни терористички борци“, за кои постои сомнеж дека може да извршат или поддржат терористички акти во Белгија, како и 90 „пропагандисти на омраза“, кои ја оправдуваат употребата на насилство за идеолошки цели. сп/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан